| четврток, 6 декември 2018 |

Асад: Со своите акции во Сирија Русија ја штити Европа

asadСо своите акции во Сирија Русија всушност ја штити Европа, изјави сирискиот претседател Башар ел Асад во интервју за шпанската информативна агенција ЕФЕ, чии делови пренесува ТАСС.

Запрашан што побарал од него рускиот претседател Владимир Путин за да им помогне на сириските сили во борбата против џихадистичката група Исламска држава, Асад вели дека Москва не барала ништо од Дамаск за возврат „од едноставна причина што тоа не е трговија“.

– Нормалните односи меѓу две држави се базираат на заеднички интереси. Прашање е какви се заедничките интереси на Сирија и Русија? Заинересирана ли е Русија за јакнење на тероризмот во Сирија за распад на сириската држава или за анархија? Не, не е заинтересирана за тоа. Москва сака стабилност во Сирија, во Ирак и во целиот регион, потенцира Асад.

Според него, Сирија „не е толку далеку од Русија, а ни од Европа“, па затоа со своите активности во Сирија, Русија всушност ја штити Европа.

– Неодамнешните напади во Европа се само доказ дека тоа што се случува во Сирија има последици и врз европскиот континент, дополни сирискиот претседател.

Асад во интервјуто нагласува дека сириските власти се подготвени за преговори со опозицијата, но не и со терористичките организации.

– Ние сме подготвени за преговори со опозицијата, но треба јасно да се утврди која е опозицијата. Сите вооружени групи во Сирија не се опозиција. Има голема разлика меѓу вооружените групи и терористите, од една и опозицијата, од друга страна, смета Асад.

Тој оценува дека борбата против ИД ќе биде успешна само доколку прво се запре доаѓањето на терористи, кои на сириска територија влегуваат од Турција.

Според него, во овој момент на ИД и е овозможено неограничено да врбува терористи со помош на пари што ги добива од Саудиска Арабија, Катар и од вехабистички групи.

– Затоа пред да почнеме да говориме за други аспекти, како што се политичките, економските или културните, треба да го запреме приливот на пари, оружје и друга материјално-техничка поддршка што ја добиваат џихадистите преку Турција, наведува Асад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top