Соочена со стравот од нови бегалци и со пораст на популарноста на европската десница, ЕУ почна да личи на слон во продавница за стакло. Во отсуство на заедничка политика за бегалците, Брисел се потпира на Турција, која може да се смета за сериозен партнер, но со оглед на досегашните искуства и сосотојби, никој, па ниту Ердоган и Давутоглу, не може да им гарантира на Европејците дека ризичниот план, сигурно, ќе успее. Всушност, и турскиот претседател самиот, на прес-конференција, кажа дека не може да го гарантира тоа на што се надева ЕУ.
Според договорот, Турција, која во моментов нема валиден договор со ЕУ за реадмисија, односно за враќање на бегалците на нејзина територија доколку се веќе пристигнати на европска територија, од средината на следната година ќе ја блокира маршрутата преку која бегалците заминуваат прво во Грција, а потоа и во ЕУ. Покрај тоа, Анкара се обврзува да го подобри статусот на околу два милиона бегалци на своја територија (околу 1,7 милион од нив се од Сирија) и со тоа да ги мотивира да останат во земјата. Ако се тргне од финансиските аспекти на проблемот, трите милијарди евра, колку што ќе ѝ даде почетно ЕУ на Турција за оваа намена, не се доволни ниту за основните потреби на бегалците, сместување, храна, вода, хигиена, а не, пак, за образование или за какво било ниво на интеграција во земјата. Простата математика вели дека ако парите стигнат до секој бегалец директно, тие би добиле по околу 1.500 евра годишно, што не е занемарлива сума, но е минимална ако треба да се плаќаат наставници за стотината илјади сириски деца, ако треба да се градат училишта, ако треба да се градат цврсти градби или, пак, да се вработуваат работоспособните Сиријци на кои сѐ уште не им е дозволено да работат во Турција.
Сиријците не се сами, економските емигранти нема да запрат
Во видеорепортажа на интернет-изданието на магазинот „Шпигел“ направена на македонско-грчката граница по воведувањето на новите правила со кои се пропуштаат само бегалци од Сирија, Ирак и од Авганистан, економските емигранти побараа помош од Ангела Меркел.
Тие од германската канцеларка со скандирање замолуваат да ја отвори границата меѓу Грција и Македонија, откако официјално Скопје реши да не пропушта луѓе од земји во кои нема војна и кои во Европа заминуваат само од економски причини.
Еден од соговорниците на репортерката на „Шпигел“ вели дека доаѓа од Мароко и дека има 50 проценти можност да добие азил во Европската унија. Тој признава дека сака да ја види Германија затоа што неговата земја Мароко е убава држава, но дека таму нема работа за него. Бегалецот од Марко раскажува дека најстрашните моменти во животот ги имал на границата меѓу Турција и Грција, која ја минал за четири часа со чамец.
Бегалците знаат дека наскоро ќе падне снег и дека никој нема да може да остане во привремениот камп на грчката страна од границата, но сѐ уште очекуваат блокадата да запре и тие да продолжат кон Европската унија каде што се надеваат дека ќе можат да формираат семејства.
Турција од нестабилен партнер до партнер за стабилизирање на ЕУ
Апсурдно, но вистинито, практично, земјата што со децении е обвинувана од Брисел дека не е ниту политички ниту економски стабилна на ниво потребно за влез во ЕУ, сега е единствениот фактор што може да ја стабилизира разнишаната европска политичка номенклатура. Анкара сега е во позиција со својата акција да ги спасува владите во неколку држави во кои, поради бегалците, би можеле на власт да дојдат радикални десничарски партии или умерените политички сили да ја загубат својата моќ.
Турција е официјален кандидат за членство во ЕУ од 1999 година, а европските амбиции на земјата датираат од договорите со Анкара од 1963 година. Нејзината улога на кандидат за член со блокирани преговори ќе траеше со години, можеби, со децении доколку во моментов немаше среќа во несреќа на своја територија да вдоми повеќе од два милиона сириски бегалци, кои од турска територија, преку Грција и балканската маршрута, заминуваат за ЕУ, најчесто во Германија. Со тоа официјална Анкара доби вредност со која може да тргува со европските бирократи. Истите луѓе што со години и со децении тврдат дека Турција не е зрела за вистински преговори за членство во ЕУ и за слободен проток на луѓе, идеи и на капитал од Турција во ЕУ и обратно, сега поради стравот од бегалците се премислија и почнаа оваа земја да ја гледаат како „своја“ и така ќе биде сѐ додека Турција успева да ги блокира бегалците на своја територија и додека го прекинува бранот емигранти од Сирија, Ирак и од Авганистан во ЕУ. Дури ни фактот што на два дена пред самитот во Турција беа уапсени двајца новинари, што во ЕУ се сметаше за грев поради кој не може да се отвораат нови поглавја во преговорите за членство, не го наруши планот на Брисел да ѝ прости на Турција за сѐ, само за да го реши проблемот со бегалците. Иако, според заклучоците, нема голем пробив во преговорите (договорено е отворање на само едно поглавје) ЕУ призна дека проширувањето е на дневен ред само кога е тоа од интерес за ЕУ, а не и за земјите-кандидати и со тоа направи огромна штета за земјите како Македонија, каде што дополнително ќе предизвика разочарување од прашањето за евроинтеграција.
Затоа сега не треба да се исклучи дека и другите лидери на земјите што не се дел од ЕУ ќе почнат да размислуваат како Ердоган и Давутоглу, кои успееја да ја искористат актуелната состојба на Блискиот Исток и со индиректна помош од Исламска држава и од режимот на Асад, поради кои од Сирија се иселија најмалку четири милиони луѓе, да се приближат до досега тешко достапната европска порта.
Турција не може да ги запре бегалците
Една од грешките на Европската унија со последниот план со Турција е неможноста целосно да се контролираат двата милиона бегалци на нејзина територија. И покрај ветувањата дека земјата ќе направи сѐ што може, објективно е дека Турција, и покрај желбата да ја искористи пригодата и за една година да направи повеќе од што направи во претходните 30 години во евроинтеграциите, нема капацитет да ги стави под контрола сите бегалци што се или ќе дојдат на нејзина територија. Иако дел од нив се сместени во кампови од каде што не можат да излезат без посебни дозволи, неверојатно е дека илјадници, можеби десетици илјади луѓе повторно ќе можат да платат шверцери што за две до три илјади евра ќе ги пренесат во Грција од каде што преку диви премини можат да стигнат на територија на ЕУ. Против бизнисот со шверц на луѓе, кој годишно тежи најмалку 10 милијарди евра само во овој дел на Европа, не можат да се борат ниту земјите од најсовршениот шенгенски систем за контрола на границите, а не, пак, една Турција, која во моментов има уште неколку други големи проблеми покрај Сирија, Русија и курдското прашање.
(Текст објавен во 170. број на неделникот Република, 4.12.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.