Коментарите на Заев рефлектираат темно време од скорешната македонска историја, смета американскиот експерт по комуникации и национални и меѓународни медиуми, кој објави колумна во магазинот „Д Хил“
Нападите на слободните медиуми се напади врз сите нас, категоричен е Мајкл П. Михан, американски експерт по комуникации и национални и меѓународни медиуми, кој објави колумна во магазинот „Д Хил“. Колумната е посветена на состојбите со медиумите во светот, при што како пример ја даде изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека медиумите се непријатели за опозицијата.
Во продолжение целата колумна на Михан.
Во САД често ги земаме граѓанските слободи „здраво за готово“. Отворениот пристап до вести и информации е гарантиран со Уставот и е еден од најважните столбови на нашето општество. Сепак, не секој е во можност да ги ужива истите слободи што ние ги имаме дома. На пример, во Русија, претседателот Владимир Путин направи големи напори да ги консолидира медиумите во земјата, „од искажана поддршка на владата со пристрасни вести до активно учество во ’војна на информации’ со нејзините замислени противници“, според извештајот на „Фридом хаус“. И во Кина, новинарите се соочуваат со долгогодишни затворски казни доколку објават „политички либерален коментар“, посочува истрагата на гореспоменатата невладина организација.
Додека повеќето граѓани очекуваат да видат ваков вид потиснување на медиумите во земји водени од репресивни режими, тоа што е неочекувано, и малку вознемирувачко, се настаните што се случуваат во прозападните нации. Македонија, на пример, е земја која некогаш била под влијание на советскиот блок, а сега е водена од премиерот Никола Груевски, кој е наклонет кон НАТО и Западот. Македонија е исто така кандидат за пристап во Европската унија. Но опозициската партија во земјата, СДСМ, е водена од Зоран Заев, кој е наследник на поранешната владејачка Комунистичка партија за време на Студената војна. Во почетокот на оваа недела, Заев објави дека четири од седумте најголеми телевизиски станици и дневни весници, сите слободни медиуми кои не се во сопственост на СДСМ, се негови „најголеми непријатели“. Откако се соочи со серија критички напади, партијата на Заев го удвои облогот и издаде изјава во која ја нарекува сегашната медиумска клима во Македонија „катастрофална
Коментарите на Заев рефлектираат темно време од скорешната македонска историја. Во почетокот на летото новинари од телевизијата „Сител“ и главниот и одговорен уредник на весникот „Вечер“ беа вербално и физички нападнати од членови на СДСМ додека известуваа од протестот пред македонското Собрание. Канцелариите на „Радио слободна Македонија“ беа уништени за време на истиот протест. Додека Македонија се справува со бегалската криза која е во тек, потребата од слободно и независно новинарство е поважна сега од кога било. Стравотните приказни за бегалците и нивните фамилии, кои бегаат од прекумерното насилство, веќе одиграа значајна улога во оформувањето на јавната перцепција и одговорот од меѓународната заедница.
На пример, шокантната слика на тригодишниот Ајлан Курди ги освои срцата и умовите на луѓето низ целиот свет, и поттикна многу земји и обични граѓани да преземат дејства. За време на првата половина од оваа декада, бев член на одборот на „Радио слободна Европа“/„Радио либерти“ и како претседавач на Комитетот за стратегија и буџет на радиодифузниот борд на гувернери, кој ги надгледува сите американски меѓународни немилитантни медиуми, вклучувајќи го и „Гласот на Америка“. Имав можност од прва рака да ја видам исклучителната улога што ја играат слободните медиуми во новите демократии и, за жал, како некои влади се закануваат, заплашуваат и затвораат новинари секојдневно. Слободните медиуми се темелот на секое слободно општество.
Секој ден, новинари од целиот свет вложуваат огромни напори, и премногу често, преземаат огромни ризици за да ги соопштат нашите дневни вести. Дали е тоа во воена зона или во канцеларија, овие храбри репортери редовно се соочуваат со закани, но сепак остануваат непоколебливи во нивните заложби да ја завршат својата работа и да не ја изневерат пошироката јавност. Ние мора да ги зачуваме нивните права да известуваат независно за да можеме да продолжиме да негуваме средина на одговорна дискусија и отворена дебата. Со потиснувањето на слободното и независно новинарство, не само што ги ограничуваме правата на обичните граѓани да пристапат кон важна информација, но исто така ги поткопуваме нашите сопствени демократски вредности. Напаѓањето на медиумите е напад на репортерите и напад на сите нас
Мајкл П. Михан
Мајкл П. Михан е претседател и извршен директор на „Скверд кумникејшнс“ и основачки партнер на „Потомак вест груп“. Веќе 30 години, Михан е во епицентарот на комуникациите, политиката и политичките сфери, остварувајќи јасни и концизни успеси од „борбената“ сала на Капитол хил, до обезбедување помош на компании, фондации, трговски здруженија, непрофитни организации и коалиции, како да ги спроведат прашањата врзани со нивните приоритетни политики. Како експерт по комуникации, национални и меѓународни медиуми, развивањето пораки и нивната имплементација, избори и избирачки политики, Михaн е солидно поставен во однос на градењето таргетирани и персонализирани кампањи за јавни односи, кои ги постигнуваат претходно одредените јавни политики и медиумски цели.
Именуван е за член на Бордот на Гувернери на американската агенција за медиуми во странство од Претседателот Буш и од Претседателот Обама.
Секогаш како непартиски и непристрасен од 2010 до 2015 бил и Претседател на Комитетот за буџет и стратегија како и за слободен интернет. Бил главен медиумски и стратегиски советник на Секретарот Кери и многу други влијателни политичари а во минатото бил и директор на Радио Слободна Европа и на многу други позиции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.