Од мај в година повторно ќе биде воспоставена редовната авионска линија Скопје – Прага. „Чех ерлајнс“ од 20 мај ќе сообраќа на релацијата Скопје – Прага двапати неделно во понеделник и во петок, а од 13 јуни и секоја среда.
Билетот во еден правец ќе чини 5.039 денари, а цената на повратниот билет ќе изнесува 9.725 денари, вклучувајќи ги сите такси.
– „Чех ерлајнс“ (ЦСА) ќе почне со операции на линијата Скопје – Прага од 20 мај 2016 година и ќе лета двапати неделно кон аеродромот ,,Александар Велики“. Полетувањето од Скопје ќе биде во понеделник и петок наутро во 4.10 по локално време, а пристигнувањето на аеродромот ,,Вацлав Хавел“ во Прага во 6.00 по локално време. Од 13 јуни 2016, авиопревозникот ќе додаде уште едно полетување од Скопје во среда во истото време. Летовите од Прага ќе бидат во четврток и недела, а од 14 јуни 2016 година и од вторник, навечер од 22.25 по локално време, со пристигнување во Скопје во 00:25. Летовите ќе бидат оперирани со модерни воздухоплови Ербас А319 со 144 седишта во бизнис и економска класа. Чех ерлајнс (ЦСА) планира да оперира преку целата година, се наведува во соопштението од ТАВ Македонија.
Летовите ќе се реализираат со модерни воздухоплови „ербас А319“, а „Чех ерлајнс“ (ЦСА) планира да оперира преку целата година. Билетите од вчера се во продажба преку веб-страницата www.czechairlines.com, како и преку нивниот контакт-центар и мрежата на туристички агенции кои се занимаваат со продажба на авиобилети.
– Ние го сметаме овој регион за многу перспективен благодарение на фактот дека овие земји се на патот кон Европската Унија. Постојат многу деловни операции меѓу Македонија и Република Чешка. Токму во овој регион гледаме потенцијал за редовен воздушен сообраќај. Во исто време, веруваме дека директната врска меѓу Прага и Скопје ќе придонесе за натамошен развој на деловните односи меѓу двете земји. Исто така, убедени сме дека редовната директна врска ќе биде привлечна за туристите од двете земји. Македонија и Чешка, како и Скопје и Прага, без сомнение имаат бројни атрактивни места за сите видови туристи – изјави Јан Тот, директор за комерција и маркетинг во„Чех ерлајнс“.
Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски, со новата линија Скопје-Прага се реализира уште едно барање на патниците.
– Авиокомпанијата Чех ерлајнс (ЦСА) оваа линија успешно ја опслужуваше од 2005 до 2012 година. Повторното летање за Прага ќе овозможи поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија. Очекуваме поголем прилив на чешки туристи, како и зголемување на карго-превозот, истакна Крстевски.
Првиот лет од Скопје до Прага на Чех ерлајнс (ЦСА) беше реализиран на 17 мај 2005 година, а летовите беа прекинати на 17 март 2012 година поради преструктуирање на компанијата.
Од јануари до ноември е забележано зголемување од 21 процент на бројот на патници на двата македонски аеродроми, достигнувајќи борјка од 1.435.053 патници. Во исто време, вкупниот број на воздухопловни операции изнесува 14.244, што е зголемување од 10 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.