Џихадистите од групата Исламска држава можат да нападнат и во Чешка, конкретно во Прага, изјави чешкиот претседател Милош Земан при посета на една локална гимназија.
Како што јави дописникот на МИА, на прашањето на еден ученик за можен терористички напад на Чешка, Земан рече дека „кога тоа би го знаел би можел да биде шеф на обезбедувањето на државата и би можел да биде награден за информацијата“.
– Исламските терористи веќе направија атентат во Лондон, во Мадрид, во Париз, таму и тоа двапати, во Брисел и Копенхаген и нивниот начин на работа може лесно да се предвиди. Тие се обидуваат да шират страв, рече Земан додавајќи дека целта им е што повеќе мртви и затоа нападите ги прават во дискотеки или железнички станици.
– Подоцна или порано ќе се случи напад и во Чешка, рече Земан оценувајќи дека тоа може да биде главниот град, Прага, но сепак според досегашните активности, тој мисли дека претходно ќе се случат напади во Лондон и во Берлин и во некои други земји каде нападите би предизвикале поголема паника.
Аналитичарите сметаат дека ставовите на Земан може да произлегуваат од информации кои ги добил од тајните служби или тоа да е негово сопствено мислење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.