Првичните информации во српските таблоиди беа дека Јорданец со американски пасош се обидел да го киднапира авионот, отворајќи ја вратата од кокпитот и притоа кажал: „Сакам сите да одиме кај Алах“, но во тоа бил спречен од ракометарите на Војводина. Сепак, според сведоштвата на еден од ракометарите и на претседателот на клубот за српскиот портал „Мондо“, вистината е малку поинаква.
– Седев две седишта зад таа личност, но од другата страна. Тој седеше до вратата за итни случаи. Носеше капа, ракавици и имаше брада. Да не се лажеме, изгледаше како терорист. Сепак, немаше споменување на Алах или нешто слично, како што некои пишуваат – открива ракометарот Горан Тркуља.
Ракометарот на Војводина вели дека на многумина им бил сомнителен уште кога се качил во авионот и дека нивните сомнежи подоцна испаднале оправдани.
– Некаде на средина од летот, скокна и проба да ја отвори вратата. Едно момче веднаш реагираше и го фати за раката и му зборуваше да не го прави тоа, но овој повторно се обиде. Но, не галамеше, дури не беше ни нешто агресивен. Веднаш по следувањето не прашаа дали го споменувал Алах, но такво нешто не спомна. Дојде еден од стјуардите и го префрли во бизнис класата, а нас не праша дали може да го причуваме, па помошниот тренер Мирковиќ и Ратсворцев отидоа таму и го чуваа до крајот на летот – објасни ракометарот.
Тој вели дека приказните што се појавија по таблоидите за отворање на вратата од кокпитот и споменувањето на Алах се невистинити.
– Немаше удирање по кокпитот, немаше ни галама, да имаше такво нешто, сите ќе слушнеа. Немаше никаква паника, ниту некаква борба со него. Мнозинството од луѓето не ни знаеја дека се случува нешто. Тие што седеа неколку седишта зад мене не знаеја, само видоа дека е преместен на друго место – кажа Тркуља.
Претседателот на Војводина Милан Ѓукиќ ја потврди приказната на својот ракометар и кажа дека, според него, се работело за психички нестабилен човек кој се обидел направи инцидент, но дека не станува збор за терористички акт.
По слетувањето на авионот во Белград, Јорданецот бил приведен на сослушување и ќе биде задржан најмалку 48 часа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.