| четврток, 6 декември 2018 |

Почина унгарскиот поет Ференц Јухас, добитник на „Златен венец“ на СВП

Денеска почина познатиот унгарски поет Ференц Јухас, добитник на наградата „Златен венц“ на „Струшките вечери на поезијата“.

-Со жалење ја примивме веста дека на 2 декември 2015 година починал големиот унгарски поет и добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1992 година. Струшките вечери на поезијата го искажуваат својот длабок поклон пред човекот и поетот кој имаше толкава верба во поезијата, во моќта на зборовите да го преобразат човештвото. Самиот тој во своето обраќање до Струшките вечери на поезијата по повод добивањето на наградата ќе рече: „Што е поезијата на човекот? Вера, вечна вера! Вера во опстанокот. Jac знам, а и вие знаете: светот постои за да се преобрази во песна! А песната е затоа за да го содржи во себе светот, за да гори, да се мачи, да јачи и да љуби вселената во материјата исткаена од зборови! … А работата на поетот е: именувањето, повикувањето, за да ги извлече предметите од маглата на рамнодушноста и да ги озрачи беспомошните, ѕвезди—сираци на бога. За да ги очовечи природата и историјата. Што друго би била спасителната поетска свест, светската смисла на поезијата? Ова не го кажувам затоа што вие божем не ja знаете работата на поетот во нашиов свет. Вера за создавање секогаш нешто ново, создавање на она кое според својот закон не смее да се напушти. Во овој свет, во ова наше време, кое почнува да ja заборава поезијата, како дете здодеаната, употребената, излитената и растрбушена играчка. Ова наше време, кое во својот пркос и во својата самодоволност е гладно за измислени поважни работи, и се стреми да ги приграби нив и да се задоволи, како на свадбен ручек. Зашто знам: без поезија може да се живее, но зар вреди да се живее без поезија?“ Ќе останат запаметени овие зборови на големиот поет и хуманист кој со својата творечка дејност ја одбележува е само современата унгарска, туку и светска книжевна историја.
Ференц Јухас e роден во Биа, тогаш село на 25 километри од Будимпешта, на 16 август во 1928 година. Студирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Будимпешта на одделот на унгарско-санкритска литература. Тој бил едитор на неколку литературни весници.
За своето обемно и значајно творештво е наградуван со врвните национални и интернационални награди и медали: 1949 наградата „Баумгартер“, 1950 – наградата „Атила Јожеф“, 1951 – Сребрената наградата „Кошут“, 1967 – специјална награда на Струшките вечери на поезијата, 1971 – „Големата награда на Миклош Радноти“, 1973 – Златната наградата „Кошут“, 1998 – Големата награда на Унгарскиот фонд за уметност, 1992 – Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, 1994 – Среден крст со ѕвездите на орденот на заслуги од Унгарската Република, 2001 – Наградата „Хазам“, 2003 – Среден крст со ѕвездите на орденот на заслуги од Унгарската Република, 2004 – Наградата „Прима“, 2004 Наградата „Танксикс“, 2007 – Унгарската награда за наследство, 2008 – Почесен граѓанин на Будимпешта.
Еден од основачките на Друштвото на писателите на Унгарија, на Шчечењиовата академија литература и уметност, и на Дигиталната книжевна академија.
На унгарски јазик објавил повеќе од педесет книги. Првата поетска збирка Крилатиот пастув ја објавил во 1949, а потоа Татко ми (1950) и Расипничка држава (1954). Неговите први десетина поетски книги во периодот (1946 до 1970) се издадени во два тома под наслов Љубовта на вселената. Потоа бил објавен нов избор во два тома Момчето што се преобрази во елен (1971) и Порта на тајната (1972). Книгата Златниот меч на спасот е објавена во 1973. Други негови дела се: Мртвиот кос (најголем унгарски еп, 1985); Црниот орелски крал (1988); Враќањето на покојникот (1988) и Подземна лилија (1991).
Неговата поезија е преведена на англиски, германски, фински, шведски, италијански, француски, бугарски, хебрејски и на македонски јазик, соопштија од Фестивалот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top