| четврток, 6 декември 2018 |

Не стивнуваат реакциите во Грција по последниот предлог на Нимиц

 Грчките медиуми сè уште анализираат, шпекулираат, се натпреваруваат со „ексклузивни информации“ за најновиот предлог на посредникот Метју Нимиц за решавање на прашањето за името, јави дописникот на МИА од Атина.

Сите констатираат дека во Атина се создаде интензивна дебата за најновиот предлог на Нимиц, но и тоа дека Грција со големо изненадување и незадоволство ги примила информациите од последните средби во Њујорк.


Најчесто се шпекулира дека последниот предлог е „Горна Република Македонија“, што ги покрива црвените линии на Грција за географска одредница, но сега проблемот е што терминот „Горна“ е пред Република, а не пред Македонија и Грција стравува дека на таков начин географската одредница во практика нема да се употребува. Извори во ОН истакнале дека од стратешко значење е што во предлогот има географска одредница, а тоа каде се наоѓа е техничко прашање од второстепено значење.Уште еден голем камен на сопнување за Грција во најновиот предлог на посредникот е тоа што се напушта формулата за севкупна употреба, а името би било за „најширока можна употреба“, анализираат познавачите на условите.Грчките медиуми пишуваат дека најновиот предлог е производ на ОН, но со помош на Европската комисија, особено од страна на еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

„Дојче веле“ на грчки јазик јави дека дипломатите во ОН сметаат дека ова е најдобриот предлог и може да ги покрие двете страни, кои во секој случај ќе мора да направат компромиси. Слична внимателност и „замор“ за прашањето има и во Вашингтон, како и во европските институции. Висок западен дипломат за „Дојче веле“ на грчки јазик на демонстративен начин изјавил: „Ако биде одбиен и овој предлог, не знам каде ќе одиме после тоа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top