Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов денеска преку соопштение апелираше политичките партии да не ги мешаат банките во нивните политички битки.
-Политичките притисоци врз банките се недозволиви и неспоиви со пазарната економија. Имајќи предвид дека најголем дел од банките се во странска сопственост, политичкиот притисок врз банките може да има катастрофални последици врз нивната перцепција за деловниот амбиент во Македонија и нивните идни планови. Деловните банки имаат целосна слобода и право самите да одлучат каде ќе ги пласираат своите ликвидни средства согласно со својата деловна политика- вели гувернерот Богов во писмената изјава.
Денеска лидерот на СДСМ повика итна прес- конференција на која започна да врши силен притисок врз домашните банки, односно дека без согласност од неговиот технички заменик-министер за финансии, Кире Наумов, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување.
-Пред денешната закажана аукција ги повикувам банките да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните на Република Македонија. Како најголеми доверители банките мораат да имаат во предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност коишто немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување, од аспект на нивно третирање како законски јавен долг- рече Заев утрово на итно свиканата прес-конференција.
Заев во обид да изврши притисок кон банките, им се обрати како на политички противник, па ги обвини дека преку својата редовна работа, банките би финансирале некаква изборна корупција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.