Државната изборна комисија го отфрли ветотот од дополнителниот заменик – министер Кире Наумов, кое се закануваше да ја доведе во опасност исплатата на платите, пензиите, социјалните трансфери и реализацијата на капиталните инвестиции. Со мнозинство гласови, членовите на ДИК потврдија дека аукцијата на државните хартии од вредност нема да влијае на изборниот процес, што беше и главната теза на СДСМ, наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ прави обид да создаде хаос во државата.
-Државната изборна комисија постапувајќи по барањето на министерот за финансии за донесување одлука, согласно член 48 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија, со мнозинство гласови од вкупниот број членови одлучи дека емисијата на државни хартии од вредност и државни записи од страна на Министерството за финансии на домашниот пазар на хартии од вредност не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организација на изборите. Одлуката на Државната изборна комисија е конечна- соопшти ДИК.
Пензионерите можат да бидат мирни и спокојни како и досега. Девет години како што исплаќавме редовно пензии ќе продолжиме и понатаму, и сега овој петок пензионерите ќе си ја добијат заслужената пензија- изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.
– Фактот што успеавме да се избегне политизацијата на ова прашање и што е донесена вечерва одлука на ДИК е во директна корист за граѓаните коишто чекаат средства од Буџетот- рече Ставрески при гостување во Сител телевизија.
Додаде дека и субвенциите кон земјоделците ќе може да се реализираат согласно предвидената динамика и, како што нагласи, денес, утре и во наредните денови ќе има исплата на субвенции.
– Исто така платите на војската, на полицијата, на здравствените работници, на образовните работници, на сите други коишто примаат средства од Буџетот ќе бидат исплатени редовно почнувајќи од утре па во наредните десетина дена, како и исплатата на социјалната помош, а за стопанството ќе биде редовно вратен ДДВ, она што е најважно за фирмите, како и исплатата на фактурите од Буџетот за извршените градежни и други работи- рече министерот за финансии.
Според него, ова внесува стабилност во економијата, сигурност за сите граѓани и сите фирми да се чувствуваат постабилно и да знаат дека Буџетот ќе се извршува како што и досега се извршуваше во корист на граѓаните и на стопанството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.