Ракометната федерација на Македонија денеска испрати писмо до Европската и до Светската ракометна федерација со намера да дојде до организација за една од трите квалификациски групи за Летните олимписки игри во 2016 година во Рио.
На Конгресот на ИХФ што во ноември се одржа во Сочи, при состанокот на земјите-членки на Европската ракометна федерација, претседателот на ЕХФ – Жан Бријо и потпретседателот на ЕХФ – Арне Олафсон им посочија на земјите што се во конкуренција за учество на квалификациските турнири, да ја изразат својата намера во писмена форма за организација на еден од тие турнири.
По завршувањето на азиското првенство на кое Катар ја освои шампионската титула, само уште еден филтер преостанува пред Македонија да обезбеди учество во една од трите квалификациски групи за Олимписките игри во 2016 година. Тој филтер се однесува на Европското првенство во Полска во јануари, каде што доколку титулата ја освои Франција, Полска, Шпанија, Данска, Хрватска или Германија, тогаш Македонија поради пласманот на СП во Катар ќе обезбеди место на квалификацискиот турнир за ОИ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.