Камиони на македонски превозници, кои транспортираат расиплива стока од Турција за Русија, четврти ден стојат на граница и нема изгледи да ги пуштат, информираат од Стопанската интересна заедница за патен транспорт на Македонија сообраќај АМЕРИТ, кои ја добиле информацијата од нивни фирми, кои возат на таа релација.
-За камионите што возат стока со потекло од Македонија нема проблем. Советуваме да не се прифаќа превоз од Турција за Русија и да се внимава при друг превоз, односно на потеклото на стоката што се превезува – информираат од АМЕРИТ.
Во известување до своите членки АМЕРИТ наведува дека по нарушените руско – турски односи во последните денови добиле информација дека Руската Федерација почнала со практика на неприфаќање на превозот под покритие на кој било транзитен режим на стока што потекнува од Турција.
-Според неофицијалните информации што ги добивме од терен, на сите возила, без оглед од каде се, кои имаат почнато превоз на стока од Турција за Русија и на возилата што се натоварени со стока со турско потекло, не им е дозволен истовар на руската територија. Со цел да се избегнат несакани проблеми, поради новонастанатата ситуација, сѐ додека не добиеме нови информации за состојбата на терен, ве известуваме да не прифаќате превоз од Турција за Русија и да внимавате при другиот превоз на потеклото на стоката што се превезува- се вели во известувањето од АМЕРИТ до превозниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.