Компаниите од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) ќе имаат можност за директен пристап до кинескиот пазар кој брои преку милијарда потрошувачи. Ова е предвидено со Меморандумот за соработка што на средбата во Пекинг го потпишаа претседателот на ССК Данела Арсовска и потпретседателот на ОлЧајна Федерејшн оф Индустри анд Комерц (ACFIC) Кији Ан.
-ACFIC има над четири милиони членови и се смета за најмоќната комора во Кина. Со овој договор ќе овозможиме зголемување на извозот и промоција на извозно ориентираните компании во Кина. Исто така, тоа ќе значи и полесен пристап на кинеските коорпорации кои гледаат потенцијал во Македонија како дестинација за инвестирање поради добрите услови кои се нудат и нашата стратешка поставеност како центар со лесен пристап до европскиот пазар – изјави Арсовска.
Според неа, сите компании кои размислуваат како да ги пласираат своите производи во Кина или им е потребна поддршка при увоз, ќе имаат можност да го искористат бенефитот од добрите релации воспоставени со најмоќната кинеска бизнис организација. Делегацијата на Сојузот на комори во рамки на официјалната посета на Пекинг, учествуваше и на бизнис форум на кој од страната на македонски владини претставници беа претставени можностите за инвестирање и потенцијалите за соработка. На форумот се остварија и Б2Б средби меѓу македонските и кинеските компании. Според обемот на трговска размена, Кина е меѓу првите десет трговски партнери на Република Македонија. Во првите девет месеци од годинава вкупниот извоз на македонските производи на кинескиот пазар достигна 124 милиони американски долари што е за 2,5 пати повеќе во однос на истиот период лани, а увозот на кинески производи на нашиот пазар изнесува 273 милиони долари. Според Државниот завод за статистика на Македонија, најпродавани македонски производи во Кина се вино, мермер и преработки од месо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.