Турскиот кошаркарски гигант Фенербахче продолжува со одличните партии во Евролигата. Синоќа во Истанбул настрада екипата на Стразбур со 81-64 и со тоа ја оствари петтата последователна победа и ја задржа првата позиција во групата А. Македонскиот кошаркарски интернационалец Перо Антиќ на овој меч играше 23 минути, но не успеа да се запише во листата на стрелците. Значаен ефект имаше во играта во одбрана и забележа шест скока. Најефикасен кошаркар во турскиот тим беше Јан Весели со 20 постигнати поени.
Барселона по стартниот пораз во првото коло, нанижа шест победи по ред. Во вчерашниот дуел на гостински терен против Зиелона Гора славеше убедливо со 29 поени разлика (93-64). Шест играчи на каталонскиот клуб оставарија двоцифрен број на поени, а нив ги предводеше Абрињес со 16, еден повеќе од Везенков и Аројо. Тренерот на Барселона Пaскал ги пушти во игра сите кошаркари, а единствениот кој не успеа да се запише во листата на стрелци беше Ериксон иако помина на паркетот скоро осум минути.
Хрватскиот шампион Цедевита продолжува со одличните партии оваа сезона во Евролигата. По минатонеделниот пораз од поранешниот европски шампион Олимпијакос на домашен паркет, синоќа успеа да оствари победа на гостувањето во Франција против екипата на Лимож од 78-69. Цедевита во седум натпревари досега оствари четири победи и е на чекор од пласман во следната рунда. Бабиќ беше клучот за успехот на Цедевита со 19 поени. Во следното коло избраниците на Јасмин Репеша ќе се обидат да дојдат до победа на дуелот против Анадолу Ефес во Загреб и да го заверат пасошот за следната фаза.
Резулатати:
Химки – Баерн Минхен 70-81, Фенербахче – Стразбур 81-64,, Зиелона Гора – Барселона 64-93, Лимож – Цедевита 69-78, Олимпија Милано – Анадолу Ефес 88-84, Олимпијакос – Лаборал Куча 59-52, Уникаха – Макаби Тел Авив 82-68.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.