| четврток, 6 декември 2018 |

Планот за федерализацијата ќе ги открие вистинските патриоти и предавници

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Човекот што ги извлекуваше, спасуваше терористите од Арачиново, повторно е во Македонија за да ги оживее големоалбанските апетити. Европскиот дипломат, кој ни е многу добро познат од конфликтот во 2001 година, сега повторно треба да ни сервира на маса некаков рамковен договор, овој пат надграден, со кој ширум ќе се отворат вратите за федерализација на Македонија.

Соросовите платеници и СДСМ и овој пат ја префрлаат одговорноста за опасноста што следува на ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека анализата била платена со државни пари. Никој од нив не сака да се присети дека Пандорината кутија уште пролетоска ја отвори Заев.

Случајно или не, заклучоците од анализата на Фејт се речиси идентични со ставовите на Заев, кој во екот на објавувањето на бомбите, на чудење на целата јавност, отворено кокетираше со албанското малцинство. Додека објавуваше „бомби“ за „криминал на власта“, тврдеше „мора одиме понатаму од Охридскиот договор, затоа што сега е време и сме подготвени да бидеме еднакви“. Во исто време зборуваше дека албанскиот јазик треба задолжително да се изучува во училиштата низ целата држава и дека би бил многу среќен ако ќерка му учи албански во Струмица.

Во таа насока беше и изјавата на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, кој во неговото единствено телевизиско појавување од почетокот на аферата со прислушувањето зборуваше за „нужна промена на општествено-политичкиот систем на државата“. Во исто време, Соросовата медиумска банда настапуваше со невидена агресивност и напади врз целата македонска јавност, која јасно и без двоумење ги осудуваше и целосно ги отфрлаше тезите на Заев за нов рамковен договор и за двојазична држава.

Од развојот на настаните е сѐ поочигледно дека аферата со нелегално прислушуваните разговори немала за цел да ја спасува државата од „криминалната власт“, туку целосно да се разбие државниот поредок и преку некакви нови договори, како и со менување на постојниот Устав, целосно да се смени ликот на државата. Всушност, уште од самиот почеток на аферата со прислушувањето постоеја силни сомневања дека заднината е многу поголема од тоа што ѝ се сервира на јавноста, но прашањето беше што сѐ се крие зад „бомбите“ на Заев?

Отворањето нови прашања во ек на сериозна политичка криза покажува дека намерата не е брзо решавање на проблемот, туку, напротив, отвора уште поголеми сомнежи дека зад целата афера се кријат опасни сценарија за целосно растурање на државниот поредок и воспоставување нов хибриден модел на владеење, кој под превезот на демократијата треба целосно да биде управуван од надворешни центри на моќ.

Како и да е, барем по ова прашање ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема да имаат простор за маневри. Нивните ставови мора да бидат кристално јасни, од што јасно ќе се увиди кој ги штити, а кој ги продава интересите на Македонците.

Питер Фејт овој пат не успеа да стигне навреме да ги евакуира терористите од Диво Насеље. Дали ќе успее и без нив да нанесе уште поголема штета на македонскиот народ нема да зависи само од потписниците на договорот од Пржино, туку и од самите граѓани.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top