Најдобрата ракометна судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Слеве повторно ги добија сите почести од Европската ракометна федерација со тоа што се делегирани да го судат големото дерби од осмото коло во групата А меѓу ПСЖ и Кил.
Поради последните случувања во Париз, ова е натпревар од висок ризик и со посебни мерки на безбедност, но за македонските судии тоа е меч како и секој друг во Лигата на шампионите.
– Да, на некој начин ние одиме „во жариштето“, таму каде што не одат другите. Но, за нас ова е натпревар како и секој друг во Лигата на шампионите. Нема некој посебен страв или некоja тензија. Освен можеби стравот и притисокот од блиските кои не убедуваат да не одиме таму. Јас никогаш досега не сум откажал натпревар, па нема ни сега. Утре одиме за Париз и ќе го судиме мечот меѓу ПСЖ и Кил в сабота. Организаторите не информираа дека за овој меч ќе има посебна процедура и засилени мерки на безбедност, не консултираа дали имаме некои посебни барања и што е најдобро за нас. Одиме по таа процедура. Овој меч има и некоја симболика, индицентот во Париз се случи на фудбалскиот натпревар Франција –Германија, сега играат француски и германски тим. Сето тоа создава некоја фама околу дуелот, но кога ќе излеземе на терен за нас тоа е натпревар како и секој друг – вели Ѓорѓи Начевски.
– Овде може да биде поопасно отколку во Париз. Имавме многу „опасни“ искуства на македонските терени – во шега забележува Ѓорѓи Начевски.
Натпреварот во Париз се игра в сабота со почеток од 20.45 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.