| четврток, 6 декември 2018 |

Трет интернационален детски фестивал „Сонот на облачето“

Најмладата публика третпат ќе ужива во магијата на театарските претстави со сенки на третиот Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, што ќе се одржи од 23 до 25 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје.

Круме Стефановски, основоположникот на театарската група „Сенки и облаци“, изрази надеж дека програмата на фестивалот ќе понуди разни видови на театар на сенки, начини на игра и начин на пренесување на приказната до публиката.

1

На првиот ден на фестивалот ќе биде изведена претставата „Танцот на рацете“ на театарот „Sombras Chinas“ од Шпанија, спектакл кој мистично раскажува приказни одиграни со сенки од раце. Публиката на вториот ден премиерно ќе има можност да ја проследи претставата „Нашиот штрк Силјан“, на театарот „Сенки и облаци“ од Македонија. Претставата е работена според народната приказна за Силјан штркот и зборува за одговорноста, работливоста и љубовта на Силјан кон своите најблиски во моговите на искушение.

Последниот ден од програмата на фестивалот ќе бидат изведени претставите „Волкот и трите прасиња“, на американскиот театар „Фајарфлај шедоу тетар“ (Fierfly Shadow Theatre) и „Новогодишната ноќ на едно девојчe“, на српскиот театар „Ле студио“ (Le Studio).

– Оваа година се фокусираме на изложба на ламби со сенки. Пред еден месец имавме повик за уметници што ќе изработат ламби што ќе бидат во функција на сенките. Производите од соработката ќе бидат изложени за време на фестивалот, а доколку некој изрази желба тие ќе бидат и продажни – изјави Катарина Стефановска.

Организатор на фестивалот е „Сенки и облаци“ од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Македонија, Градот Скопје и Младинскиот културен центар во Скопје. Билетите може да се набават на билетарницата на МКЦ по цена од 120 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top