| четврток, 6 декември 2018 |

Играта со сенки е предизвик за сите

Сенките се необични и интересни за сите, не само за децата, туку и за возрасните. Фестивалот е за деца, меѓутоа редовно и родителите се наши посетители. Сенката е секаде околу нас. Таа има магиска вредност, магиско значење, вели Стефановски

Младинскиот културен центар (МКЦ) беше домаќин на третото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, кој го организира театарот на сенки „Сенки и облаци“. Настапија уметници од САД, Шпанија, Србија, од Македонија, а децата уживаа во магијата на сенките. Секоја претстава беше однапред распродадена. Театарот годинава одбележува и јубилеј – десет години од постоењето. Круме Стефановски е еден од организаторите на Фестивалот, а во организацијата се уште и Катерина Стефановска, Благородна Коцева – Симјанов, Александра Стојановска, Ивона Ѓорѓиовска, Ивона Кузмановска, низ годините во „Сенки и облаци“ работеле и Сара Цветановска, Сања Пановска – Миланова, Јордан Костов, Волф Вилке.

Играта со сенки е предизвик на сите нас. Мене ми е многу мило што по фестивалот, по одржување на работилницата на гостинката од Шпанија Валерија Гуглиети, децата раскажуваа дека дома си играле со сенки – вели во интервју за „Република“ Круме Стефановски.

 

krume-stefanovski-kul170-6

Како успеа театарот на сенки „Сенки и облаци“ да опстои 10 години, а последните три да прерасне во фестивал на кој гостуваат театри од Шпанија САД, Бразил, Србија…?

СТЕФАНОВСКИ: Веројатно, нашиот ентузијазам е пресуден. Тоа почна како еден мој експеримент, да видам дали тој театар на сенки може да функционира, дали би имал публика, дали би имало интересирање. Првата претстава што ја направив пред 10 години беше „Баш челик“ и помина интересно. Не можам да кажам дека имаше голем успех, меѓутоа видов дека кај луѓето разбуди некаков интерес за овој театар. Ние немаме традиција на театар на сенки. Веројатно во Отоманската Империја гостувале некои театри и овде, така што луѓето некогаш, на овие простори го гледале тој театар, но немаме традиција на континуирано играње. Во тоа време кога почнував со тој театар основните интереси ми беа во однос на турската традиција како Караѓоз, ама почнав да чепкам и да видам што се случува и на Запад. За разлика од источните земји во кои се игра традиционален театар на сенки како што е театарот во Кина, Индонезија, Бали, Јава, Тајланд, Камбоџа, Турција, кои имаат традиционален театар на сенки, кој до денес го негуваат, ние сме точно меѓата. До кај нас стасала некоја форма на традиционален театар, а веќе од нас, на Запад, е некој вид експериментален, нов израз на театар на сенки, кој, очигледно, е доволно интересен и привлечен за сите. Тој театар прилично се негува до другиот крај на светот – до Бразил, Аргентина, земји од Латинска, па и од Северна Америка и Канада. Практично, низ целата Земјина топка е распространет тој театар. Секако, не е многу популарен, не е многу модерен, ама, за среќа, е доволно интересен. Во поново време користи и некои нови алатки како што дозволува современата технологија, така што никогаш не застанал на едно место. Тоа беше поттик и за нас – да го надградуваме тој театар, да бараме нов израз и на тој начин, играјќи си со тоа, ете поминаа 10 години и, за среќа, опстоивме во тоа и почнавме да го правиме фестивалот.

krume-stefanovski-kul170-4

Интересно е што со минимален маркетинг фестивалот беше одлично посетен, а за сите претстави се бараше билет повеќе. Како ви успеа?

СТЕФАНОВСКИ: Сенките се необични и интересни за сите, не само за децата, туку и за возрасните. Фестивалот е за деца, меѓутоа редовно и родителите се наши посетители. Сенката е секаде околу нас. Таа има магиска вредност, магиско значење, така што играта со сенки е предизвик на сите нас. Мене ми е многу мило што по фестивалот, по одржување на работилницата на гостинката од Шпанија Валерија Гуглиети, децата раскажуваа дека дома си играле со сенки. Тоа беше нашата цел – да ги испровоцираме децата и да ја разбудиме нивната имагинација, да направиме нешто што не е секојдневно, а не е скапо. Не треба да се оди во големите трговски центри, да се купуваат скапи играчки, кои, секако, нема да ги задоволат децата ни една недела, туку да се најде начин со нешто што е исконско и што го носиме, со сосема мали средства, со многу желба и имагинација да се направи една игра дома, која може да трае до бесконечност.

krume-stefanovski-kul170-2

krume-stefanovski-kul170-3

Имате и работилници за деца во рамки на фестивалот. Кажете ни нешто повеќе за тоа?

СТЕФАНОВСКИ: Практично, отворањето на фестивалот беше со работилницата на Валерија Гуглиети од Шпанија. Таа е многу интересна жена, која игра со дланките. Со нив прави различни фигури. Таква беше и нејзината претстава и работилницата. Имаше преголем интерес од децата. Работилницата помина одушевувачки. Таа само со додавање профили на своите дланки – глави, очи, правеше многу интересни фигури.

 

Не постојат правила, нема стандарди кога станува збор за театар на сенки. Од каде учите? И од гостите што доаѓаат на фестивалот е посведочено дека овој фестивал е уникатен и како таков треба да се негува.

СТЕФАНОВСКИ: На академија сме учеле дека постои некаков традиционален театар како Караѓоз, кој се занимава со сенки. Но, само како информација. Никогаш не се учело нешто повеќе за тој вид театар. Многу ми беше инспиративно кога почнав да истражувам бидејќи не постои школа за игра со сенки, буквално секој театар е различен, има свој израз. Тоа е многу убаво и многу впечатливо. За среќа, ние изминативе три години можевме да видиме различни театри од Русија, Турција, Франција, Бразил, Шпанија. Сите имаа своја специфика и имаат поинаков израз.

krume-stefanovski-kul170-5

Што подготвувате за в година?

СТЕФАНОВСКИ: Поради големиот интерес, веќе размислуваме како да го конципираме следното издание. Можеби тоа ќе биде со по барем две одиграни претстави. Го сакаме просторот во Младински културен центар (МКЦ), кој е интимен, топол, шарен, токму тоа што го сакаат децата, а и овој театар бара поинтимен простор. Не сакам да го преселиме на голема сцена само затоа што би имало повеќе публика. Публиката што сака да дојде, ќе дојде повторно в година и во овој простор.

 

Добивте и грант од Фондацијата „Ем-Ти-Ви стејинг алајв“ (MTV staying alive) за превенција на сексуално преносливи болести и тоа во многу силна конкуренција?

СТЕФАНОВСКИ: Во огромна конкуренција, од 17 илјади пријавени кандидати ние добивме грант и преку театар на сенки да ја раскажеме нивната поента. Очигледно, на луѓето многу им се допадна, па ни ја продолжија соработката. Таа претстава се игра низ повеќе градови во Македонија, имавме неколку работилници, предавања, соработка со други организации што работат на таа тема. И во следната, 2016 година ќе го работиме тој проект.

 

„Нашиот штрк Силјан“ е претставата на вашиот театар „Сенки и облаци“. Зошто ја одбравте неа?

СТЕФАНОВСКИ: Бидејќи одбележуваме 10 години од постоење на „Сенки и облаци“, сакав за јубилејот повторно да направиме некоја претстава што веќе сме ја работеле. Таа ја направиме во 2008 година, со неа гостувавме на еден фестивал во Сараево, добивме и награда за зачувување на традицијата на театарот со сенки. Сакав одново да го видиме текстот, да најдеме нови значење во него, да го разиграме уште повеќе, визуелно да го решиме поинаку. Оваа „нова“ претстава е некако подинамична, поколоритна, визуелно е поинаку спакувана и токму поради тоа ја работиме, да го одбележиме јубилејот.

 

Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Але­ксан­дар Ива­нов­ски
(Интервјуто со Круме Стефановски е објавено во 170. број на неделникот Република, 4.12.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top