Франција, Русија и САД ќе формираат голема коалиција во борба против „Исламската држава“, најави францускиот претседател Франсоа Оланд.
Најмалку 33 џихадисти на „Исламската држава“ се убиени во последниве 72 часа во воздушните напади на француските и на руските сили на северот на Сирија, соопшти Сириската опсерваторија за човечки права.
Оланд кажа дека операцијата во парискиот кварт Сен Дениј потврдила дека земјата е во војна.
-Изведовме акција во Париз за да ги неутрализираме терористите. Во исто време, нашите операции во Сирија се интензивираат, а присуството на воениот носач „Шарл де Гол“ трипати ќе ги зголеми нашите капацитети за напад- рече Оланд.
Како што кажал, Франција и по нападите во Париз ќе продолжи да ја преземе одговорноста и да преземе дел од европската солидарност врз себе.
-Бегалците најмногу одат во Германија, во северна Европа и во Велика Британија, но повеќе од 30.000 бегалци ќе ги пречекаме во Франција во следните две години – рекол Оланд.
-Во вторник патувам во Вашингтон, а во четврток сум во Москва за да разговарам со Барак Обама и со Владимир Путин за координираните и заеднички акции за најбрзо постигнување на целта. Мораме да формираме коалиција која ќе го зададе одлучувачкиот удар – изјави Оланд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.