Овој прилично долготраен топол ноемвриски период нема да трае уште долго. Згора на сѐ, од почетокот на месецов не падна ниту „капка дожд“. Но, работите ќе почнат да се менуваат во текот на претстојниот викенд, објави порталот „Метеопро“.
Антициклонот кој го обезбеди топлото и суво време, конечно ќе попушти пред силата на широко и длабоко циклонско поле кое ќе се наоѓа со центар некаде над Скандинавија.
Првиот бран врнежи низ централна Европа се очекува уште во петок, но истиот кусо време ќе биде блокиран од алпскиот масив. Токму ова блокирање ќе биде одговорно за создавањето на поволни услови за формирање на прилично изразено циклонско поле на северот на Италија. Овој циклон ќе го донесе и првиот ноемвриски дожд годинава во земјава.
Првите врнежи може да се очекуваат уште во сабота, но само на планините во западниот регион, додека во недела се очекува дожд во најголем дел од земјава. Овој бран на врнежи, според засега достапните прогностички материјали, ќе се задржи и во понеделник.
Заедно со врнежите се очекува и значителен пад на температурата. Засега, очекуваме мала промена во насока на пад на температурата за време на викендот, но веќе во периодот по понеделник се очекува температура со максимални вредности генерално под 10 Целзиусови степени.
Како што стојат работите, снег се очекува од сабота вечер, но само на планините, додека низинските предели засега ќе почекаат за снежни врнежи. Снежните врнежи на повисоките планини ќе се интензивираат во недела навечер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.