Младиот и талентиран кадетски репрезентативец, голманот Мартин Томовски (18 години, 191 см, 86 кг), и официјално е новото име во тимот на Металург, каде е приклучен по барање на Лино Червар.
– Пресреќен сум што станав дел од првиот тим на Металург и исполнет сум со остварувањето на мојот детски сон, кој почнав да го сонувам на 13-годишна возраст во една од школите на Металург – изјави Томовски по потпишувањето на договорот.
Само со една година тренирање Томовски влезе во селекцијата на Металург (генерација 1996-1997), па продолжи во младата екипа на Пролет, чиј член беше до пред две години, а потоа се врати во своето старо гнездо.
– Му благодарам на мојот тренер Червар и на раководството на клубот што по една и пол година пауза од официјални настапи, но со неуморно и посветено тренирање ме вратија таму каде што припаѓам. Ќе направам сѐ што е во моја моќ да ја оправдам нивната доверба, бидејќи Металург беше и ќе остане една од водечките ракометни екипи и за мене огромен е предизвикот што сум дел од тимот од кој излегоа врвни ракометни имиња. Мене ми останува да продолжам со посветената работа и неуморен тренинг да напредувам и да собирам искуство што ќе ми ги отвори вратите за уште поголеми професионални ангажмани. Соништата стануваат реалност, само ако веруваме во нив – рече Томовски.
Со приклучувањето на Томовски во првиот тим, Металург уште еднаш ја демонстрира својата клупска политика, во која акцентот е ставен на домашните млади квалитетни играчи. Во првиот тим сега има четири голмани, и тоа Даниел Дупјачанец (32), Антонио Пешевски (24) и Милош Вуковиќ (24).
Фото: РК Металург
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


