| четврток, 6 декември 2018 |

Кој го кара Заев на српски?

Во што е вплеткан врвот на СДСМ со ангажирање на советниците од Србија, кои пак се поврзани со корупциски скандали, но и со пропагандата во Косово по која се случуваат масовни протести и судири меѓу полицијата и Србите на Косово во кои има и жртви? Додека земјата тонеше во политичката криза, „белградската врска“ ја креирала стратегијата на СДСМ, неретко со силни кавги и со викотници на српски јазик за неспособност и за потреба од водење на интелигентна политика, дознава „Република“. Непознато е колку пари и преку кои канали Заев ги плаќал советите

Извори на „Република“ откриваат скандалозни информации во врска со ангажирањето и со наплатата на советниците на СДСМ од Србија, како и за подредената улога на Зоран Заев кон нив. Епилогот на тие совети е познат – државата се соочува со најголемата политичка криза, со условувања, не само кон власта, туку и кон бизнисмени, политички неистомисленици, па дури и во сопствените партиски редови, со илегално стекнати материјали, дел од нив јавно презентирани, како условување за преземање власт. Сето ова е познато. Непознато досега беше кој сѐ го советува Заев и како. Зградата на штабот на СДСМ на улицата „Павел Шатев“ крие добар дел од одговорот на тоа прашање.

Соседите и новинарските екипи забележуваат дека пред седиштето на партијата многу често е паркиран сив џип со белградски регистарски таблички. „Република “ дознава дека повеќе месеци во редовни тајминзи, најмалку еднаш во две недели, тројца луѓе со овој автомобил доаѓаат во штабот на СДСМ на средба со раководството. Тие биле „белградската врска“ која на СДСМ и Заев им нуделе помош во односите со јавноста и помагале во креирање на стратегиското дејствување. Во целата логистика, клучни биле тројца луѓе: Иван Бендер, Милјан Шчекиќ и уште еден познат естраден менаџер.

 

„Продавачи на скапа магла“ советници на СДСМ

Милјан Шчекиќ и Иван Беднер во 2009 година ја отвораат агенцијата „Раскин и Хант“ (Ruskin & Hunт), агенција за стратегиско планирање и за активности со односи за јавност. Двајцата имаат богато „портфолио“. Бендер бил советник на ОБСЕ во Србија и во Црна Гора, а претходно од 2000 до 2002 година бил шеф на Кабинетот на потпретседателот на српската влада. Шчекиќ, пак, од 2005 до 2011 година е сопственик на фамозната агенција „Артс енд крафтс“ која, српските медиуми ја врзуваа во корупцискиот скандал за извлекување на државни пари за кампањи.

„Артс енд крафтс“ како агенција згаснува токму во 2011 година, кога српскиот Совет за борба против корупцијата отвора случај заради познатата афера на исплаќање на милионски суми на приватни маркетингшки агенции блиски со имиња на тогашни државни функционери и странски државјани. Практично, се переле проневерени пари од државните каси. Според српскиот антикорупциски Совет, само три од 22 министерства не користеле сомнителни агенции. Една од нив, според текстот „Продавачи на скапа магла“, е токму „Артс енд крафтс“ на Шчекиќ, како блиска до тогашното раководство на Демократската партија.

Агенцијата на Шчекиќ работела за српското министерство за Косово и Метохија, кога во кус период извлекла 7,8 милиони динари. Таа активност на Шчекиќ на Косово многу наликува на методите кои Заев ги презема пред неколку месеци.

tema167-2

Сличноста на дејствувањето на Шчекиќ во Косово и на Заев во Македонија

Имено, токму во периодот кога „Артс енд крафтс“ ја преземала пропагандата во Косово се случуваат масовните протести и по подолго време судири меѓу полицијата и српското малцинство на Косово. Во тој период, според написите во српски медиуми „Артс енд крафтс“ организира стратегиска комуникација на Косово со плакати и со билборди. Индикативно е што тогаш се случуваат и српско- косовските гранични инциденти и судири.

На 25 јули 2011 година полицијата од косовската страна се обиде да воспостави неколку гранични контролни пунктови во српско контролираното Северно Косово. Иако интервенираа силите на КФОР, следуваа денови на судири и на жртви. Во експлозија на фрлена граната, загина член на косовската специјална полиција, а уште петмина беа повредени во обид да преземе контрола врз граничните пунктови. Борбите продолжија два дена потоа, кога вооружената полиција на Косово презеде два гранични премини. Србите го запалија граничниот премин кај Јариње, а неколку илјади маскирани мажи вооружени со пиштоли, секири, молотови коктели и друго направија барикади. Беше објавено и дека ги нападнале и трупите на НАТО кои беа дел од операциите на КФОР. Следуваа вести за претепан човек во етнички мешаниот регион на Штрпце, наводно, само заради тоа што е Србин. Во Косово беа палени српски производи. Насилството и тензиите продолжија сè до постигнувањето на српско-косовскиот договор на 1 август.

tema167-3

Годинава во Македонија, пак, Заев спроведе насилни протести со кои сакаше да упадне во зградата на владата во Скопје. Во налетот на насилниците кои сакаа да го пробијат полицискиот кордон со камења и со ладно оружје беа повредени триесетина полицајци. Се случи и кумановската полициска акција во која загинаа осуммина полицајци, а десетици беа ранети. Заев два дена потоа го посети кумановското Диво насеље и се сликаше со луѓето присутни таму. Ниеден од раководството на СДСМ, пак, не ги посети полицајците кои учествуваа во акцијата. На протестот организиран пред Владата се појавија и луѓе кои вееја знамиња на Голема Албанија. Се носеа и симболите на 133. Косовска бригада, чии членови упаднаа во Куманово и се директно виновни за убиството на македонските бранители.

tema167-4

Викотници на српски јазик од штабот на СДСМ за неспособното раководство

Во близина на централата на СДСМ на улица „Павел Шатев“, како што тврдат нашите извори, периодично се слушале разговори на висок тон од партиското седиште. Тие разговори неколкупати завршувале и со силни кавги и со викотници во кои на српски јазик се посочувало на „неспособност“, како и дека било потребно „водење на интелигентна политика“. Според сознанијата, Заев бил и прекорен да не се излетува пречесто со изјави, особено затоа што е политичар зад кој се провлекуваат низа афери, пред сè корупциски скандали, што е сериозен недостаток и товар кој мора да се покрие.

Им било забележено и за креирање на превисоки очекувања кои не можат да ги исполнат, како и тоа дека мора да работат на создавање еуфорија и креирање на протести поддржани од партијата кои, пак, ќе се „продаваат“ како облик на граѓанско незадоволство. Тоа „продавање незадоволство“, Македонија ја чини обидот за потполна деградација на институциите на системот – на Парламентот, на судството, на здравството, на образованието. Во таа креирана атмосфера на постојана еуфорија на притисок се злоупотребуваат граѓаните. Примери за таа злоупотреба и за тоа што предизвикува таа еуфорија има многу. На тоа неодамна посочија и судиите, а не смее да се изземе и злоупотребата на оружениот напад во Клиничкиот центар во Скопје.

Сепак, Заев на сето ова послушно се согласувал, а непријатноста од таквото негово покорно однесување се чувствувала и кај останатите членови на СДСМ кои сведочеле на ваквите настани.

лtema167-5

Истите советници, според нашите извори, имале своја улога и во посетата на Заев на Израел, која патем доживеа фијаско откако Заев лажеше за темите на разговор и со луѓето што се сретнал. За потсетување, тој тврдеше дека се разговарало за „бомбите“ и дека се сретнал со луѓе од Мосад што беше веднаш демантирано од израелските официјални власти.

Ваквите искажани ставови на Заев не одат во корист на агенцијата, особено што таа, според српските медиуми, е во блиски односи со познат израелски „махер“ за односи со јавноста, кој пак во Србија е познат по победничката кампања на СНС, како и по промотивните кампањи на поранешниот претседател на земјата, Борис Тадиќ.

Агенција за односи со јавноста во своето портфолио на интернет вели дека успева да ги наметне партиските ставови во медиумите во текот на кампањите. Тоа пак што е извесно е дека дел од српските медиуми во последно време шират невистини и манипулации за настани кои се случуваат во Македонија, а кои коинцидираат со стратегијата на СДСМ за девалвирање на државните институции и на системот во целина. Дел од нив беа преземани и цитирани од медиуми кои се блиски до СДСМ, а се однесуваа за текот на акцијата во Куманово, потоа околу безбедносната состојба во државата, за насилните протести пред Владата во Скопје, за мигрантската криза…

tema167-6
tema167-7

Дали на СДСМ му се случува нова Надеж

„Надеж“ е името на стратегијата на СДСМ платена со 340.000 евра народни пари, со која место со изборна програма, партијата треба со притисок и насила да ја заземе власта. Една половина од таа платформа се состои од директна или од индиректна злоупотреба на медиуми. Според аферата „Надеж 1“, Кабинетот на тогашниот претседател, Бранко Црвенковски, летото во 2007 година ги ангажирале Словенците Дејан Верчиќ, Дијана Гутеша и Пеѓа Ашанин-Голе, од кои првите двајца се од словенечката агенција за односи со јавноста „Пристоп“, за стратешки совети и за консултански услуги. Цената е 340.000 евра за две години советување.

Непознато е колку пари Заев дава за советите. Српските медиуми во очи на изборите анализираа дека агенциите, меѓу кои и „Артс енд крафтс“ се финансираат од „црни пари“. Еден од луѓето кој посочува за тоа колку чинат советите, Крешимир Мацан, поранешен советник за односи со јавноста на СДСМ, наведува дека најмалата сума за кампања изнесува барем два милиони евра. Реалните извори и тековите на парите, го цитира Мацан српски „НИН“, се кријат од очите на јавноста, како и дека некои од „скриените советници за односи со јавноста“ не играат само за пари, туку и за идни позиции и проекти.

Прашање е од каде СДСМ ѝ плаќа на агенцијата за односи со јавноста, чии советници доаѓаат во седиштето на „Павел Шатев“. Доколку тие одат законски, плаќањето мора да се одвива преку македонски банки и истото да биде евидентирано, што би покажало на крајот колку тоа ги чинело. Доколку пак не се покаже во финансискиот извештај дека партијата платила за услуги кон агенцијата, тогаш прашањето е по кои канали и со кои црни пари биле наплатени советите, или пак дали оваа агенција го „чести“ СДСМ за евентуални идни противуслуги?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top