Првиот меч од новата сезона меѓу вечните ривали МЗТ Скопје и Работнички заврши со победа од 90-85 за клубот од Аеродром.
Избраниците на Алеш Пипан го коноролираа резултатот уште од првата минути, но мора да се признае дека Работнички одигра одличен натпревар знаејќи ги проблемите со финансиите кои ги имаат во најтрофејниот клуб во нашата држава.
„Металците“ ја оправдаа фаворитската улога контролирајќи го резултатот во текот на сите 40 минути, но пофалба заслужуваат и кошаркарите на Работнички, кои покажаа карактер враќајќи се по „минус 20“ и внесувајќи неизвеснот во самиот финиш.
Од самиот почеток квалитетот во играчкиот кадар и подолгата клупа на МЗТ дојде до израз и актуелниот шампион се одлепи по само пет минути игра и имаше предност од 16-2. До крајот на првата четвртина Работнички успеа да постигне пет тројки и да го намали високото водство на противникот на 31-23.
Во вториот период металците повторно со ангажирана игра во одбраната не дозволија лесни кошеви, а во нападот предводени од Љубичиќ стигнаа повторно до двоцифрена предност која ја сочуваа до полувремето 52-42.
Во продолжение од мечот најдобриот играч на Работнички и поранешен капитен на МЗТ Јане Петровски беше мотовиран и не дозволи дебакл на неговиот тим. МЗТ во третиот период од играта дојде и до високи 21 поен разлика (68-47), но Петровски беше тој што успеа да ја намали разликата со три тројки по ред и да го остави својот тим во игра во последниот период.
Во последната четвртина МЗТ не дозволи изненадување одржувајќи солидна разлика, со неколку лесни поени под кошевите бидејќи двата центра на клубот од Градски парк Бојан Трајковски и Бојан Крстевки заработија по пет лични грешки.
Работнички уште во неколку наврати стигна до седум поени негатива, но под оваа граница успеа да се спушти буквално во последните секунди, кога Ѓуроски ги постави конечните 90-85.
Ѓорѓе Дреновац со 25 поени, 7 скока и 4 асистенции беше главна фигура кај МЗТ Скопје, пред Дамјан Стојановски со 14, Мијатовиќ со 13 и Буниќ и Љубичиќ со по 12 поени. Најефикасни кај Работнички беа Јане Петровски со 22 поени и Мираковски со 21 поен и 8 асистенции, додека репрезентативците Ѓуроски и Трајковски го завршија мечот со 15, односно 13 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.