| четврток, 6 декември 2018 |

ЕКСКЛУЗИВНО: Мајката на Тарчуловски – Минутите ми се часови додека го чекам Јохан

Се радува цела Македонија, но најмногу се радува семејството на Јохан Тарчуловски, што тој конечно доаѓа дома. „Република“ имаше можност да разговара со неговата мајка, Гордана Тарчуловска, која денеска беше на своето работно место. Убавите вести, вели таа, сакав да ги споделам со моите колеги:

– Дојде и тој ден, конечно да се израдуваме за неговата долгоочекувана слобода. Денеска сум на работа затоа што не можев да седам и да го чекам тој момент. Сакав со моите колеги од Комерцијална банка да го споделам тоа. Со колегите сум поголем дел од времето. Да бев сама дома, не ќе можев да издржам, да го дочекам тој момент. Минутите ми се часови. Исто како и на него. Разговарав вчера со него. Прво слушнав на телевизија, но си реков додека не слушнам од негова уста, ништо не ми е сигурно. Се јави и веќе знаев дека е вистина. Се израдував. Не знаев од радост што да правам. Секако, ќе одам на аеродром да го пречекам. Ми рече ќе ми се јави кога се враќа. Сѐ уште чека, нема одлука кога ќе дојде, но најдоцна до петок ќе дојде.

Претходно бевме во Љубанци, родното село на Тарчуловски. Неговиот портрет стоеше сретсело. Луѓето беа собрани пред кооперацијата, славеа за враќањето на Јохан. Договараа како ќе го пречекат, како што самите велат, македонскиот херој.

– Најсреќен момент во нашиот живот. Го чекаме Јохан по осум години да дојде. Славевме од вечерните часови до рано изутрина. Цело село беше тука. Беа и жителите на околните села. Не се заборава моментот кога слушнавме дека се враќа Јохан. Македонија го има синот свој. Тој се враќа – велат жителите.

Тие одат на аеродром да го пречекаат Јохан, по што добредојде ќе му посакаат и со прослава во Љубанци.

– Ќе го пречекаме како голем војвода, како Гоце Делчев – велат тие.

Домот на Тарчуловски е затворен. Неговото семејство е со соселаните, разговараат за денот кога Јохан ќе се врати. Вујкото на Јохан, Благоја Костенцовски синоќа зборувал со него. Вели дека радоста е неизмерна.

– Само Соња Тарчуловска, сопругата на Јохан, отиде за Германија. Ние сме тука. Ќе го чекаме на аеродром, па потоа доаѓаме во село за да славиме заедно – вели тој. Тој со Јохан зборувал на Благовец, во неделата. Се јавил Јохан да му честита именден. Тогаш одлука за пуштање се уште немало. Вујкото му посакал на внукот брзо да се врати, зошто припаѓа тука меѓу сите.

Во дворот до куќата на Јохан се сретнавме со сопругата на прв братучед на Јохан. Таа беше среќна што деверот конечно се враќа. Не сакаше многу да зборува. Вели ова е радост за целото семејство, за целото село, за цела Македонија. Љубанци е подготвено за дочек на Јохан Тарчуловски!

 

Новинар: Билјана Зафирова
Фото и видео
:
Игор Ангеловски (Република)

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top