ДТК Смарт тек“ е една од 16 те компании кои добија грант од првиот повик што го распиша Фондот за иновации и технолошки развој.
Спин оф компанијата која е основана од група професори на Факултетот за електротехника и информатички технологии во Скопје направи компјутерски систем за енергетска ефикасност наменет пред се за индустриските капацитети.
За реализација на нивната иновација добиле 26,5 илјади евра од Фондот за иновации.
Уредот ги снима сите релевантни параметри на електричната енергија и преку направена анализа се идентификува проблемот кој е најголем причинител за зголемената потрошувачка на струја.
– Грантот беше голем поттик за имплементацијата на овој наш систем се со цел зголемување на енергетската ефикасност на објекти, пред се на индустриските капацитети. Нашите уреди може да им помогнат на индустриските компании да се зголеми нивната енергетска ефикасност и да се намали крајната цена на испорачаната електрична енергија. Без помошта на Фондот за иновации овој уред досега не би постоел затоа што финансиските средства кои ги добивме беа од голема помош. Имавме можност да вработиме лица, да купиме некои технички уреди неопходни за изработката на овој уред, изјави професорот Живко Ковански од ФЕИТ.
Директорката на Фондот за иновации Јасмина Поповска, која заедно со заменикминистерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска беа во посета на компанијата, информираше дека веќе е завршен и вториот повик за кој ќе се обезбедени 1 милион и 300 илјади евра.
– Заврши вториот повик за три инструменти за поддршка кои ги обезбедуваме за старт ап компании, за комерцијализација на иновации и за трансфер на иновации. Конкурсот заврши на 21 октомври и моментално се претселектирани 39 апликации од вкупно 95 кои пристигнаа. Се надевам дека до крајот на годинава ќе ги имаме и следните корисници, истакна Поповска.
Најголем број од апликациите се од делот на информатичките технологии, но има проекти и од земјоделството, градежништвото, прехранбената индустрија…
Според заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, иновацијата на „ДТК Смарт тек“ е потврда на она што Владата преку Фондот за иновации го реализира во насока на развојот на иновациите.
Тој ги повика сите заинтересирани иноватори да ги искористат можностите што им се нудат преку Фондот за иновации и технолошки развој и да ги реализираат своите идеи.
– Врз основа на договорот којшто Министерството за образование и наука го има во однос на користењето на овие средства потпишано со Светска банка околу 10 милиони евра им стојат на располагање на компаниите. Согласно динамиката и политиките на Фондот за иновации во следниот период ќе има етапно објавување на дополнителни огласи по различни инструменти, рече Ристовски.
Првиот повик кој беше наменет за старт ап и спин оф компании беше објавен во февруари, а во јуни беа потпишани договорите со 16 те избрани компании. За овој повик беа обезбедени 458 илјади евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.