| четврток, 6 декември 2018 |

Oбезбедена работа и привремено сместување, но помош сѐ уште е потребна

Приказната за Стефан Јовановски, кој бил бездомник 15 години, судбината го донела до улица, а тој се обидува да си го врати стариот живот, кога работел во градежништво повеќе од 25 години, ја крена Македонија на нозе.

За помалку од 24 часа, хуманоста се покажа на дело. Јовановски е сместен во хостел, кој е однапред платен за еден месец и е вработен во градежна фирма. Битката е добиена, но помош сѐ уште е потребна.

На Јовановски треба да му се помогне да најде кров над глава за подолг период, како и средства, облека и обувки. Акцијата ја водат Адријана Коколанска, девојката која му пријде во помош, и Бибе Милошевиќ, каде можете да се обратите за вашите донации. За човекот за два дена се најде и работа и привремено живеалиште. Тоа само покажува дека има великодушни луѓе, дека има верба дека ќе му се помогне на човекот кој бара да се врати таму каде што му е местото.

Приказната на Стефан ја сподели Владимир Божиновски.

„Истиот бездомник една година подоцна, истата јакна, истата насмевка, вечерва повторно го сретнав. Човеков се вика Стефан Јовановски и е бездомник 15 години, судбината го донесла до ова дереџе, пробува да си го врати стариот живот во кој работел градежништво повеќе од 25 години. Најтешко му е кога ќе побара пари од некого кој не го познава, кога ќе ја пружи раката за десет денари. Единствено нешто што искрено без никаков срам бара е некоја пристојна работа со која би можел да го изгури месецот без да ја пружи раката за парче леб! Дајте некој кој знае што има потреба од работници, пожелно би било да е од градежништвото затоа што тоа најдобро го знае! Му побарав мобилен број за ако има некој фидбек од ова да го побарам, но нема. Ако било кој најде нешто, човеков може да го пронајде околу центарот на Скопје, посебно на плоштадот, таму спие на клупите!“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top