Градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски денеска изјави дека градот е подготвен и годинава, ако има потреба, да изврши прскање на улиците со калциуммагнезиумацетат за цел подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во главниот град.
На новинарско прашање дали прскањето на улиците со калциуммагнезиумацетат минатата година покажа резултати и дали градот Скопје годинава се подготвува за такво нешто, градоначалникот Трајановски одговори дека тоа дало резултати во намалувањето на ПМ 10 честичките во воздухот.
– Минатата година беше набавен калциуммагнезиумацетат и беа адаптирани седум-осум возила од „Комунална хигиена“ за прскање на улиците со тоа средство. Тие се веќе подготвени, набавена е дополнителна количина на калциуммагнезиумацетат и тој ќе биде употребен, исто така, и оваа година – рече Трајановски, кој денеска присуствуваше на акцијата за засадување нови 30 дрвца во средното економско и правно училиште „Васил Антевски – Дрен“ во општина Кисела Вода.
Градоначалникот потенцираше дека растворот калциум магнезиум ацетат бара да се користи во специфични услови, како и дека тоа се искуства кои се користат од други градови во Европа.
– Ова е само една од формите и начините на кои Градот Скопје се бори за намалување на загаденоста и да ги подобри условите за живеење на граѓаните – истакна тој.
Растворот ги апсорбира канцерогените ПМ10 честички така што тие се лепат за калциуммагнезиумацетат, се претвораат во смеса, остануваат на земја и не одат во атмосферата, и со тоа го намалува загадувањето на воздухот и до 30 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.