| четврток, 6 декември 2018 |

Одземен пратеничкиот имунитет на лидерот на бугарските националисти

Народното собрание на Бугарија денеска му го одзеде пратеничкиот имунитет на лидерот на националистичката партија Атака, Волен Сидеров, поради скандалот со неоснованите обвинувања од негова страна за шверц на наркотици.

sidirov

 

Поради истиот случај, имунитетот му беше одземен и на сопартиецот на Сидеров, Десислав Чуколов.

Бугарското Јавно обвинителство побара да им биде одземен имунитетот на Сидеров и Чуколов за да може против нив да покрене обвиненија за „хулиганско однесување“. Одземањето на имунитетите уследи откако барањето на Обвинителството беше одобрено од специјално формираната Анкетна комисија на Парламентот.

За одземање на имунитетот на Сидеров гласаа 144 пратеници, 11 беа против, а еден се воздржа од гласање. Против гласаа само пратениците на Атака, а воздржан беше еден претставник на Бугарската социјалистичка партија (БСП), додека сите останати народни избраници ја поддржаа иницијативата.

За одземање на имунтетот на Чуколов се изјаснија 148 пратеници, а истите 11 беа против. ­

– Денеска е многу убав ден за бугарската нарко мафија, бидејќи со одземањето на мојот имунитет, таа ми нанесе тежок удар со тешката рака на државната машинерија, изјави Сидеров по гласањето во Собранието.

Скандалот поради кој им е одзмемен имунитетот на Сидеров и Чуколов се случи минатиот месец, кога двајцата пратеници во придружба на службеници на полицијата за стопански криминал упаднаа во една трафика во центарот на Софија, врз основа на нивните тврдења дека тоа е место од каде се препродава дрога.

По претресот на објектот полициајците не пронајдоа никакви наркотички средства или шеврцувана стока, поради што пратениците беа принудени да му се извинат на сопственикот на продавницата.

Сидеров тогаш се правдаше оти добил сознанија дека во трафиката се продаваат дрога и производи за кои не е платена акциза. Сидеров и Чуколов беа обвинети и за грубо однесување кон продавачите, но и кон полицајците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top