Дефанзивецот на Барселона, Жерар Пике, не донесе очекувани вести за фановите на каталонскиот гигант, кога е во прашање Нејмар и најавите за негово заминување од „Камп Ноу“. Иако претходно на Твитер објави заедничка фотографија со Нејмар, истакнувајќи дека Бразилецот сака да остане во клубот, сепак, напомена дека би го разбрал и доколку одлучи да си замине.
– Нејмар е мошне талентиран фудбалер, кој сака да биде успешен во својата професија. А, ако сака да биде лидер, тогаш ќе мора да си оди од Барселона. Во таков случај, би го разбрал Нејмар, затоа што во Барса, во овој момент, тој не може да се наметне на таков начин. Ние сите сакаме да остане затоа што е одличен фудбалер и човек, но, сепак, одлуката ќе ја донесат тој и клубот. Сликата што ја објавив беше од желба тој да остане, а не значеше конечна одлука на Нејмар -изјави Пике.
По ваквото ретерирање на шпанскиот ас и повеќе од јасно е дека од ден на ден Нејмар е се поблизу до ПСЖ. Францускиот клуб исто така синоќа одржа прес-конференција во САД, но претходно на новинарите им беше соопштено дека нема да се одговара на прашања поврзани со Бразилецот. „Светците“ дефинитивно се подготвени да платат 222 милиони евра за да го доведат Нејмар на „Паркот на принцовите“, но се бара начин трансферот да биде комплетиран согласно правилата на УЕФА за финансиски фер-плеј, за францускиот вицепрвак да не биде дополнително казнет од страна на европската куќа на фудбалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.