По синоќешната прослава на победата на Зијадин Села, кандидатот за градоначалник на општина Струга од ДПА, утрово во градот беа поставени албански знамиња на повеќе приватни објекти, како и во Паркот на поезијата.
Според првичните официјални податоци од Државната изборна комисија, од обработените 70 проценти од избирачкиот материјал во вториот круг, кандидатот за градоначалник од коалицијата на македонските политички партии, Владимир Кочоски, освои 15.276 гласа, а кандидатот на ДПА, Зијадин Села, 20.770 гласа.
Од разграноците на македонските партии велат дека во текот на вчерашното гласање во општина Струга биле регистрирани многубројни нерегуларности на гласачките места, а најголемите забелешки се однесуваат на групно гласање, како и непочитување на процедурата за гласање на слепи и неписмени лица на избирачките места во селото Лабуништа. Набљудувачите од македонските партии забележале случаи на семејно гласање и јавно гласање и на гласачко место во селото Велешта.
Претседателот на Општинската изборна комисија во Струга, Џенгис Хани, информира дека досега поднесени се 20 писмени забелешки од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
– До Општинската изборна комисија се поднесени околу 20 приговори. Тие се примени во општинската комисија, архивирани, по еден примерок е даден на политичките партии за да можат понатаму тие да ја следат процедурата како што треба. Од ВМРО-ДПМНЕ се поднесени сите дваесет приговори – вели Хани.
Деталите од вчерашниот втор изборен круг во Струга се очекува да ги соопштат двете најголеми партии до македонскиот политички блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, на заедничка прес-конференција.
На 78 избирачки места во струшката општина гласаа повеќе од 64 проценти од вкупниот број гласачи регистрирани во единствениот избирачки список.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.