Нема здрава и стабилна држава без ефикасен образовен систем. Покрај сериозен зафат во државното образование, треба да се поздрават сите приватни образовни иницијативи, кои не се деловно ориентирани, односно што влегуваат во суштински образовни реформи, смета Новаковска.
Неодамна ја добивте престижната награда од TIAW – Меѓународна алијанса за жени што го менуваат светот, која петта година по ред им се доделува на 100 исклучителни жени во светот како признание за нивното залагање за економска еманципација и напредок на жените во разни области од животот. Како ја доживеавте наградата?
Новаковска: TIAW е меѓународна асоцијација, која ги поврзува водечките организации на жени во развиениот свет и во светот во развој помагајќи им да се вмрежат во глобалната заедница на економски успешни жени, кои преку своите лични примери помагаат во менување на свеста за моќта на жената на локално, глобално и на светско ниво. Досега, во неа членуваат 35.000 жени, чиишто успешни лични и професионални приказни поттикнуваат создавање нови вредносни критериуми во нивните локални средини, но и на глобално ниво.
Бев збунета кога ме известија за номинацијата, но уште повеќе изненадена кога ми ја доделија наградата. Повеќе од дваесет години го развивам моделот на образование во „Нова“ во Македонија, од идеја до стабилна образовна институција, низ периоди на економски блокади, бегалски кризи, воени конфликти и економски кризи. Јас и мојот тим влеговме во невозможна мисија и создадовме нов образовен амбиент и нови образовни вредности во Република Македонија, наспроти отпорот и предрасудите со кои дури и денес понекогаш се соочуваме. Но, тоа беа наши битки, и наши извојувани победи. Никогаш не очекував посебно признание за тоа, посебно не од надвор! Оваа престижна организација ја препозна вредноста на тоа што го создадовме и ја поддржа мојата мисија на жена што во еден типично локален амбиент создаде услови за глобални вредности, кои денес поттикнуваат многу млади девојки и момци да станат битен дел од глобалниот свет. Јас сум им бескрајно благодарна за вербата во мене и за поддршката на нашата (моја и на мојот тим) благородна мисија.
Наградата ја добивте поради Вашиот придонес кон развојот на образованието во Република Македонија и пошироко, на Балканот, како исклучителен професор, ментор и лидер, кој се залага за еманципација и за економска независност на жените. Колку се еманципирани и независни жените во Македонија?
Новаковска: Еманципацијата и независноста на жената се тесно поврзани со нејзината економската независност и со нејзината застапеност во политичките и јавни функции. Податоците говорат дека овие параметри не се на завидно ниво во Република Македонија. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, од вкупниот број вработени во државата, 38,2 проценти се жени, додека 61,8 проценти се мажи. Иако владината стратегија од 38 проценти стапка на вработеност кај жените е постигната, таа е далеку од европската, која изнесува 60 проценти. Податоците за жените во политиката, исто така, не се комплементарни. Извештаите од 2006 година покажуваат дека е зголемен бројот на парламентарките во Македонија на 33 (27, 5 проценти) од претходните 21 (17,5 проценти), но тоа е помалку од една третина од учеството на мажите. Останува ист бројот на министерки и на градоначалнички, односно по три во секоја категорија, што е поразителен податок. Речиси двојно е зголемен бројот на советнички во советите на локалната самоуправа, односно од 161 (8,3 проценти) на 309 (21,7 проценти), но повторно тоа е помалку од една четвртина во однос на застапеноста на мажите.
Кога ќе се спомене гимназијата „Нова“, прва асоцијација е Венера Новаковска. Таа го донесе модерното образование во Македонија. Почнаа како училиште за англиски јазик во 1992 година, пет години подоцна почна да работи средното училиште „Нова“, а подоцна почна и основното училиште. Слободно може да се каже дека Новаковска го познава образованието како ретко кој во државата. Неодамна ја доби престижната награда од Меѓународната алијанса за жени што го менуваат светот, која петта година по ред се доделува како признание за нивното залагање за економска еманципација и за напредок на жените во разни области. Наградата беше повод за интервју, а со неа разговараме и за еманципацијата на македонската жена, за македонското образование, за предностите на квалитетното образование и за можностите што ги нуди и за продуцирањето кадри за кои подоцна се заинтересирани најдобрите светски универзитети.
Како да го подигнеме нивото на еманципација?
Новаковска: Преку ефикасен систем на образование. Од најмала возраст, па сѐ до универзитетско образование. Нашиот систем на образование сѐ уште генерира многу предрасуди. Тој не создава амбиент за здраво коегзистирање и за поучно поведение. Треба да работиме на воспоставување здрав образовен систем во кој сите ќе имаат еднаков третман. Ова ќе биде тешка и долга битка, но на крајот ќе мора да се добие.
Меѓународното училиште „Нова“ постои 16 години. Имате предучилишно, основно и средно образование. Нудите поинаква едукација. Наставата се одвива на англиски јазик. По што се разликувате од другите образовни модели во Македонија?
Новаковска: „Нова“ е типично меѓународно училиште по својата структура и амбиентот што го создава. Работи според меѓународно акредитирани програми од соодветни меѓународни организации, а неговата ученичка и професорска популација вклучува 40 различни нации и култури заедно со македонската. Членка е на Европската асоцијација на акредитирани меѓународни училишта и има статус на поддржано училиште од американскиот Стејт департмент. Учениците се образуваат и воспитуваат да ја почитуваат локалната средина, но да размислуваат глобално. Да бидат одговорни граѓани на своите држави што ги претставуваат, но и интегрирани граѓани на светот.
Ученици што биле дел од гимназијата „Нова“ постигнуваат забележителни резултати. Ваши ученици сега се студенти на најпрестижните универзитети во светот, како на пример „Харвард“ и „Оксфорд“. Дали тоа Ве прави посебно горди како училиште што продуцира висококвалитетни средношколски кадри?
Новаковска: Нашите ученици студираат, буквално, на сите континенти во светот. На престижни универзитети во САД и во Европа, но, исто така, и на универзитети што не се толку високо профилирани, но се специјализирани во некои области, кои одговараат на некои од профилите на нашите ученици. Наши ученици успешно студираат и овде во Македонија. Успешноста на нашите ученици ние ја мериме преку тоа колку успешно се интегрирале во своите универзитетски средини и каков профил на личности развиваат. Горди сме на сите нив. Тие се важен дел од нашиот интегритет. Сите тие „Нова“ ја чувствуваат како свој дом.
Имавте и ученик за кој беа заинтересирани дури пет најдобри светски универзитети за тој да биде нивни студент?
Новаковска: Многу наши ученици конкурираат на повеќе универзитети. Бојан аплицираше дури на 18 и сите го примија со целосно стипендирање, меѓу нив и петте најдобри светски универзитети. За него тоа беа слатки маки, но и за нас во „Нова“ бидејќи не беше лесно да му се даде најдобриот совет, кога сите пет беа еднакво добри. Се реши за „Стенфорд“, каде што студира невробилогија, област во која овој универзитет е меѓу најпознатите. Тоа беше неговиот сон.
Како го оценувате македонското образование?
Новаковска: Во изминативе 20 години македонското образование поминува низ многубројни транзициски промени, но недостигаат суштински реформи. Тоа подразбира создавање нова свесност за тоа каде сме сега и каде сакаме да бидеме, на пример, во наредните 10 години. Вистинските реформи се мерат со децении, а не со години. Секоја поголема промена во образованието е комплексна материја. Бара одредена свест кај институциите што ја спроведуваат, изградена свест кај тие што треба да ја консумираат, соодветна образовна инфраструктура и програмска поддршка, материјална поддршка и, секако, период во кој ќе се тестира нејзината успешност. Грешките во образовната политика и практика се согледуваат многу подоцна, а штетите имаат трајни последици како за поединецот така и за државата. Изминативе 20 години не се доволно за македонското образование да се усогласи со европското, но даваат јасна слика за грешките што не треба да ги правиме или за наредните потези што треба мудро да ги влечеме. На Македонија ѝ треба здраво државно образование на сите нивоа, основно, средно и високо. Тоа е основата врз која почива развојот на државата. Нема здрава и стабилна држава без ефикасни образовни системи. Покрај сериозен зафат во државното образование, треба да се поздрават сите приватни образовни иницијативи, кои не се деловно ориентирани, односно, кои влегуваат во суштински образовни реформи бидејќи како помали системи можат да генерираат нови идеи и да поттикнат создавање нова образовна свест. Сите ние сме јавни институции, иако сме државни или приватни. Можеби би било посоодветно да се прави диференцијација меѓу добри и лоши образовни институции, а не меѓу приватни и државни. Преку објективни мерни механизми и добар контролен систем, може да се воспостават здрави критериуми за препознавање на работата на образовните институции.
Приватно образование е скапо за македонски услови, но, од друга страна, е и повратна инвестиција во која ако паметно се вложи, може многу да се врати. Како Вие ги стимулирате талентираните ученици?
Новаковска: Не секое приватно образование е добро и не секое државно образование е лошо. Доброто и ефикасно образование (државно или приватно) е скапа инвестиција, но долгорочно најисплатлива. Како што штетата од лошо образование има далекосежни негативни последици по иднината на еден млад човек, на ист начин позитивните ефекти од доброто образование го следат човекот до крајот на неговиот живот. Многу често најевтиното образование може на крајот да биде најскапото.
Преку програмата за стипендирање „Борис Трајковски“ во „Нова“ ги поддржуваме талентираните и вредни македонски ученици. Досега образувавме пет вакви генерации ученици. Сите тие денес се наши успешни приказни. Знаевме да ги откриеме нивните посебности, правилно да ги насочиме, да ги образуваме преку соодветни програми за надарени и талентирани ученици и силно да ги поддржиме во процесот на универзитетско аплицирање. Но, курикулумот на нашето училиште е, всушност, конципиран така што го поддржува секој ученик поединечно. Ние не се откажуваме лесно од нашите ученици. Веруваме дека секој ученик е посебен и кон него треба да се однесуваме со посебно внимание и грижа за да го извлечеме најдоброто од него.
Многу често може да чуеме дека деловната заедница знае да даде забелешки на македонскиот образовен систем во поглед на тоа какви кадри им се потребни на компаниите. Како да се реши ова прашање?
Новаковска: Треба да постои континуиран дијалог меѓу образовните институции и деловната заедница. Таа зборува со практичен јазик и може да го поттикне осовременувањето на македонското образование. Тоа не значи дека сите универзитетски катедри што немаат практична примена би морало по диктат да се затворат. Некои од нив помагаат на друг начин, преку заштитување на културата и на традицијата на државата и се еднакво битни.
Што значи „Нова“ за Вас? Очигледно е дека не се работи за типичен деловен модел и тоа се гледа преку постигнатите образовни ефекти во изминатите години, туку за образовна институција што продуцира висококвалитетни кадри, кои се барани во општеството.
Новаковска: „Нова“ никогаш не беше замислена како деловен модел. Јас не верувам дека брзо воспоставени деловни модели можат да понудат квалитетни образовни решенија. Иако доброто образование бара и соодветно финансирање, следење на светските образовни трендови и обезбедување соодветни просторни, кадровски и програмски услови, неговата суштинска вредност не е во мермерните згради и во униформираните ученици, ниту во пропагандната машинерија што го намалува на минимум образовниот ефект, туку во амбиентот што го создава едно здраво училиште од моментот кога ќе се пречекори неговиот праг, па сѐ до излегувањето од него. Неговата вредност се мери во континуитет, со задоволни, насмеани и добро подготвени млади луѓе за предизвиците што се наоѓаат пред нив. Градењето стабилна образовна институција е макотрпна работа, во која сите мора еднакво да веруваат и за која треба еднакво да се залагаат. Добрата образовна институција ја создаваат професионалци вљубени во својата професија и верни на своето образовно кредо.
„Нова“ беше моја визија, која денес успешно ја живее својата реалност. Иако не негирам дека таа е битен дел од мене, сѐ повеќе се обидувам здраво да се одвојам од неа за да ѝ дадам одржлива иднина. Создадов успешни стручни тимови, кои ќе можат да ја продолжат мојата мисија. „Нова“ веќе не сум само јас, туку повеќе квалитетни едукатори, кои ја водат институцијата во вистинска насока.
Разговараше: Александра Мазнева Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.