| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Само со преговори за членство може да влијаеме за подобра медиумска состојба

Еврокомесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, на денешниот негов настап во рамки на Третата „Спик-ап конференција за медиумската состојба во земјите од Западниот Балкан и Турција, посочи дека моќта на Европската комисија да влијае директно врз сите состојби во една земја-кандидат за членство, а пред се во областа на слободата на изразување е поголема во процесот на преговори.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан посочи дека таква моќ, Брисел има малку пред отворањето на преговорите, но речиси никаква откако една земја ќе влезе во ЕУ.
Еврокомесарот посочи дека ЕК работи заедно со многуте претставници на националните и регионални организации што работат на слободата на изразување, а оти нивното присуство на денешната конференција покажувало колку е важно ова прашање и колку тие се грижат за истото. Тој рече дека ова е третпат ЕК да го организира овој настан и со задоволство слушнал дека луѓето што учествувале на претходните изданија на конференцијата, сега повторно се тука што ја покажува важноста на дискусијата.
Хан напомена дека во 2011 година, на првата Спик-ап конференција се говореше дека слободата на медиумите е фундаментален дел од политиката на проширување на Унијата, со посочена важност на медиумската организација како соговорници на Европската комисија.
– Втората конференција во 2013 година даде темелна анализа на предизвиците за слободата на говор и дискусиите доведоа до тоа ЕК да формулира сеопфатен политички пристап кон развојот на медиумите во регионот и поставување на темелите од проширувањето на ЕУ за соочување со овие предизвици. Директните, непосредни предизвици бараат долгорочен ангажман на ЕУ и на земјите во регионот. Затоа говорам за процес кога се работи за преговорите за пристапувањет кон Унијата, а не за преговори. Преговорите се однесуваат само на дискусиите за превземање на европското право, но целиот процес е поважен. Целиот процес со кој треба да се докаже дека има одржливи промени, посебно во секторот на медиумите, потенцираше Хан.
Еврокомесарот за проширување додаде дека тој слушнал дека некогаш се вели дека ЕУ го има загубено интересот за слободата на медиумите на Западниот Балкан и во Турција, додавајќи дека е загрижувачки развојот на настаните последните недели, посебно во Турција пред изборите, каде имаше заплашување на новинари. Слободата на медиумите, според него, е во суштината на процесот на интеграција во ЕУ и тоа не е предмет на преговори.
Според Хан, не е можно да има владеење на право и во исто време да се има судски случаи против новинари оти критички се изразиле против претставници на власта. Еврокомесарот истакна дека не може да се вели дека има владеење на правото и заштитата на граѓаните ако новинарите живеат во страв, а сторителите на насилство не се гонат. Наследникот на Штефан Филе, истакна дека не може во исто време да се има пазарна економија и да се загрозува сопственоста на медиуми, како и да не се знае кои се вистинските газди.
Јоханес Хан рече дека не може да се има трнаспарента и неполитизирана администрација, а огромни средства да се трошат во медиумите без отчетност. Влошената ситуација со медиумите влијае на подготвеноста на земјата да се зачлени во ЕУ.
– Земјите од ЕУ се земји каде слободата на секој поединец е да носи самиот избор за себе. Тоа е онаа позната мека моќ на ЕУ што е толку привлечна за многу луѓе, особено за оние надвор од ЕУ, што можевме да го видиме со протокот на бегалците. Слободата на медиумите е суштински столб на ваквите општества и таа ги прави земјите посилни, а оди рака под рака со владеењето на правото и со економското владеење, истакна Хан.
Еврокомесарот нагласи дека работата на медиумите денес во ЕУ и во земјите од пристапувањето е соочена со големи предизвици. Тој рече дека разни интереси го отежнуваат финасиското преживување на независните медиуми и оти концетранцијата на медиумите го поткопува диверзитетот, со што се ограничуваат можностите за независно новинарство и се поттикнува цензура.
– Поважно е луѓето да имаат пристап до објективни, добри и независни информации. Ова особено во земјите од процесот на транзиција, бидејќи еден избор на информации не дава цела слика. Но, кога разликуваме медиумски пејсаж во регионот на земјите од пристапувањето, гледаме се помалку ралзични мислења. Во некои земји има се помалку истражувачко новинарство и исчезнување на популарни емисии, дали тоа значи дека Владите на тие земји работат безгрешно? За жал се сомневаме дека е тоа така, додаде Хан.
Првиот човек за проширување на Европската унија, исто така рече дека денешниот процвет на социјалните медиуми придонесува кон демократиите и граѓанските медиуми даваат важно влијание, но оти не може на сите извори исто да им се верува. Тој порача дека поддршката на професионалите медиуми и образованието на новинари е голема што ЕУ ја дава. Тој истакна дека сака да види повеќе нијанси на непристрасно, независно медиумско известување.
– Сум учествувал во политички дискусии кај земјите-кандидати и гледам политички став дека може да има само победник или губитник, но на крајот на дискусииите секогаш треба да има компромис. Никој не добива се што сакал и тоа треба да се рефлектира и во медиумите и известувањето во истите, па постепено да преминеме од „да или „не кон понијансирано известување за ситуација. Убеден сум дека ќе се поттикне вистински дијалог и ќе се поттикне култура на компромис која верувам дека е важна и клучна за една развиена демократија, рече Хан.
Комесарот за преговири за проширување додаде дека на луѓето им треба квалитетно новинарство за да развијат критичко размислување и дека се потребни повеќе заложби за обезбедување на економска независност на регулаторните органи и да се поттикне саморегулација на медиумите и дека има потреба од спречување на неформален економски притисок врз медиумите, транспарентност на медиумите, спречување концетрација и обезбедување правила за реклами на власта во медиумите.
Според еврокомесарот за проширување, ова бара внимание од тие кои се на власт во земјите и дека во таква ситуација Владата треба да води транспарентни политики за користење на пари за медиумите. Според Хан, во сите овие земји постои правна рамка за независност на медиумите, но спроведувањето на законот и реалноста се тие што загрижуваат. Во некои држави, според него, постојано се влошува ситуацијата, па некогаш и како што рече, самите Влади придонесуваат кон клима на страв, се демонизираат новинари кои критикуваат владини политики како предавници што води кон самоцензура. Владите, според него, треба да гарантираат безбедна средина за изразување на разни мислеања.
– Но не само Владата, туку и невладиното општество и медиумите имаат важна улога да бараат отчетност и одговорност е и на нив и на Владата за слободата на медиуми. Земјите кои сакаат да имаат блиски односи со ЕУ мора да ги исполнат медиумските стадарди. Алтернативата е слаб процес на градење на медиуми, без демократска контрола и контрола врз корупцијата и изложување на погрешни информации. Како што се кажа во 2013 година на иста ваква конференција, предизвиците во медиумската слобода бараат долгорочен ангажман од земјите кои сакаат во ЕУ, од страна на институциите на ЕУ. Наскоро, ЕК ќе прифати годишен пакет за проширување, по што слободата на изразување и медиумите ќе има централна улога на проширување во овој мандат, посочи Хан.
Тој истакна дека е познато колкава е моќта на слободата на изразување и дека предизвикот на Еврокомисијата е да ја искористи истата и да се бори против заканите. ЕК, според него, ќе остане посветена на ова и дека ова прашање не може да е предмет на преговори, особено за поглавјата 23 и 24 кои ќе се поместат на почетокот на процесот на преговори со секоја земја и кои ќе бидат последни поглавја што ќе се затворат на крајот на преговорите. Тој рече дека ЕК гарантира оти нема да има разлика во третманот во оценувањето и пристапот, нема да има разлика меѓу земјите-кандидати и нема скриена агенда од наша страна за тоа што се бара од нашите партнери.
– Ако овие змеји имаат интерес за влез во ЕУ, тогаш мора да им е јасно кои се барањата и условите. Во тоа сме транспарентни и останува партнерите да го прифатат тоа или не. Оваа порака ја пренесувам на земјите-членки, а тоа е дека во текот на преговорите имаме најголемо влијание да предизвикаме големи промени, имаме одредено влијание пред почетокот на истите, но по преговорите ние немаме никакво влијание. Затоа преговорите се важни ако се сфатат сеирозно од учесниците, а ние сериозно го сфаќаме овој процес, заклучи Хан
Потпретседателката на Европскиот парламент, Улрике Луначек, пак, цитирајќи го членот 49 од Лисабонскиот договор, во кој слободата на изразување е основно човеково право, потенцира дека секој има право на слобода на изразување и право да се има мислење, да се прими и дадат информации без вмешување на јавните власти и ограничувања.
– Хартијата е пациент и не се што е ставено на хартија се почитува. Без разлика дали е кај нас или во земјите од пристапување, но слободата на изразување и медиуми се главен елемент на една демократија и владеењето на правото. ЕП наскоро ќе дава награда Сахаров на блогер од Саудиска Арабија кој е во затвор оти ги изразуваше своите идеи на блогот. Слободата на изразување започнува со слободата на мислење, да се осмелите различно да размислувате за тоа што е кажано. Но, факт е дека и ни имаме проблем внатре во ЕУ со слободата на медиумите, не само надвор до Унијата, потенцираше Луначек.
Нилс Мужниекес, комесар за човекови права на Советот на Европа, потенцираше дека ситуацијата се влошува и оти загрижува тоа што се случува во Турција. За Западниот Балкан, тој рече дека прашањата за медиумската слобода се прашања кои датираат од одамна.
– Во Србија и Црна Гора, заштитата на новинари од напади мора да остане приоритет оти имаме примено пријави за напади врз новинари. Мора да се казнат оние што ги извршиле тие напади или упатиле закани кон новинари. Исто важи и за повеќето земји-членки на Советот на Европа и новинарите во нив кои покриваат протести и слични јавни собири. Има недостаток на транспарентност во однос на сопственоста на медумите во повеќе земји, медиумите во целиот регион мора критички да гледаат и на себе и на начинот на кој известуваат во однос на ранливите категории како Ромите, децата со посебни потреби и ЛГБТ заедницата, потенцираше Мужниекес.
Високиот комесар за човекоти права на Советот на Европа, исто така, го посочи и масовното следење на комуникациите во Македонија, каде според него „и новинарите биле цел.
Конференцијата продолжува, а на крајот на истата, според најавите, Европската комисија и партиципиентите ќе издадат заклучоци што неформалната Влада на ЕУ ќе ги користи во иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top