Концертот ќе се одржи во Македонската опера и балет, во среда, 4 ноември, со почеток во 20 часот, а на програмата се дела од Бетовен, Чајковски и Сен-Санс…
По Александар Гидин во 2013 година и Кирил Трусов во 2014, оваа година публиката ќе има можност да слушне уште еден светски признаен изведувач – реномираниот руски виолинист и диригент, Максим Федотов. Тој, заедно со симфонискиот оркестар на ФМУ и маестро Саша Николовски-Ѓумар, ќе одржи концерт, кој со сигурност нема никого да остави рамнодушен.
Максим Федотов е еден од најистакнатите руски музичари на денешнината. Рускиот „Паганини“, како што го нарекува светската критика, се школувал на Московскиот конзерваториум, а неговите професори биле истакнати изведувачи и педагози Борис Сергеев, Игор Безродниј, Владислав Чернушенко.
Во текот на својата кариера настапувал на најпрестижните сцени во Русија, Англија, Германија, Финска, Австрија, Шпанија, Јапонија, во Италија и др., а соработувал и со бројни реномирани оркестри и уметници во Русија и надвор од неа. Максим Федотов добро ѝ е познат на македонската публика со своите врвни рецитали на фестивалот „Охридско лето“. Паралелно со исклучителната концертна активност се одвива и неговата диригентска дејност. Од 2003 до 2005 година Максим Федотов бил шеф-диригент на Рускиот симфониски оркестар, а од 2006 до 2010 се наоѓа на местото уметнички директор и шеф-диригент на Московскиот симфониски оркестар.
Федотов е добитник на повеќе национални и меѓународни награди.
Симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје го сочинуваат студенти на додипломски и последипломски студии од оваа високообразовна институција. Низ своето досегашно постоење оркестарот бележи постојан квалитативен растеж соработувајќи со голем број уметници од Македонија и од странство. Секоја година симфонискиот оркестар на ФМУ одржува повеќе концерти на кои изведува голем број капитални дела од светскиот симфониски репертоар. Покрај тоа, оркестарот е еден од значајните промотори на македонската симфониска музика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.