Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски денеска го објави списокот на репрезентативци на кои ќе смета за пријателските натпревари против Црна Гора и Либан што ќе се одиграат во Скопје.
За првиот натпревар против Црна Гора селекторот одреди 16 играчи, додека против Либан ќе вклучи и некои репрезентативци од младата репрезентација до 21 година, кои во овој период треба да одиграат квалификациски натпревар против Франција.
– Овие пријателски натпревари треба да бидат еден добар старт, проверка и подготовка за новиот квалификациски циклус за СП 2018 година. На списокот се проверени сили, фудбалери кои добиваа шанса и во претходниот циклус, надополнети со неколкумина фудбалери од младата селекција до 21 година. Моето размислување е да создадеме една хомогена репрезентација, еден спој на младост и на искуство, и тоа ќе биде костурот на националниот тим во наредниот период. Секако овој состав може да биде надополнет со сите оние фудбалери кои ќе играат стандардно во своите клубови и ќе покажат квалитет. Во репрезентацијата за следниот циклус ќе се врати и нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев, со кого лично имав разговори во Џенова, и тој изрази подготвеност повторно да ја предводи македонската национална селекција. Верувам дека неговиот квалитет и пред се искуството што го има со голем број меѓународни натпревари ќе го пренесе и на помладите фудбалери, кои треба да чекорат по неговиот пат – истакна новиот селектор Игор Ангеловски.
Во продолжение Ангеловски посочи дека македонската репрезентација има квалитет за високи дострели, и не заслужува да се најде на последното место.
– Верувам во квалитетот на Македонија, да не верував немаше да бидам тука. Можеби не сме квалитетни да им парираме на Шпанија и Италија, но никако не заслужуваме да биде последни во групата – заврши новиот предводник на репрезентацијата.
Список на фудбалери:
Голмани: Димитриевски (Гранада), Митов-Нилсон (Норчепинг)
Одбрана: Мојсов (Адана Демирспор), Шиков (Австрија Виена), Брдаровски (Вардар), Ристовски (Риека), Жута (Риека)
Среден ред: Петровиќ (Работнички), Глигоров (Вардар), Тричковски (Легија), Стјепановиќ (ОФК Белград), Ибраими (Марибор), Велкоски (Сараево)
Напад: Несторовски (Интер З.), Илијоски (Работнички), Трајковски (Палермо)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.