Дали некогаш сте се запрашале како моделите, кои парадираат на ревиите на „Викторија сикрет“, ги одржуваат совршените фигури? Одговорот е едноставен, со вложување многу труд. Поранешниот професионален боксер, Мајкл Олаџиде, со години го промовира боксот како ефикасен начин за влез во топ форма.
Моделот Емануела де Паула, која од 2008 година парадира за „Викторија сикрет“, целосно се согласува со тоа. Таа сподели дека никогаш не сакала да има личен тренер, но откако се запознала со Олаџиде, се вљубува како во боксот, така и во идејата да тренира под раководство на професионалец.
Емануела де Паула
Според Емануела, режимот на вежбање со Мајкл Олаџиде е исклучително предизвикувачки. На него тој ги подложува поголемиот дел од моделите на „Викторија сикрет“, собирајќи ги на куп во спортски камп во Мексико. Целта е една, извајани, силни и убави тела за најочекуваната годишна модна ревија во светот.
Тренинзите се одржуваат четирипати на ден. Почнуваат во 6 часот наутро со воздушна јога. Во 9 часот имаат тренинг кој трае час и половина, а во него е застапено интензивно скокање со јаже, склекови, вежби со ластици и многу стомачни серии. Во 14 часот следат боксерски вежби, наречени „Аеробласт“. Последно, во 17 часот, тренираат уште 90 минути бокс на круша.
Самиот Олаџиде објаснува: „Предноста на боксот е дека го оптоварува секој дел од телото. Покрај тоа, тој ве ослободува од какви било тензии. Едноставно треба да влезете во воен режим и да започнете да вежбате, се добива нешто како хипноза, која ве зацврснува и ве ослободува од стресот.“
Друга манекенка, Медисон Хедрик, вели: „Овој распоред е најтешкиот кој сум го следела досега. Си отидов од кампот уморна, но неверојатно горда на себе. Најважно нешто што го сфатив е дека треба да си позитивен и силен психички.“
Кампот за моделите вклучува не само тешки вежби, туку и посебен режим на исхрана. Менито е целосно веганско и е приготвено од шеф Мигел Батиста. Тој не само што им готви на Ангелите, туку и ги научил на урамнотежени, здрави рецепти и итрини во кујната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.