| четврток, 6 декември 2018 |

Џанков: Македонија направи многу реформи, затоа е лидер во светот за водење бизнис

sime

Над триесет милиони предгледи за само еден ден има он лајн верзијата на извештајот Дуинг бизнис. Овој податок е доволен показател за неговата релевантност во деловниот свет. Креаторот на Дуинг бизнис индексот кој ја мери деловната клима во земјите, Симеон Џанков, во интервју за економски.мк вели дека извештајот е многу важен за малите земји, како Македонија.

Големите економии немаат проблем, тие се огромни пазари и заради тоа имаат многу инвестиции, но Дуинг бизнис е значаен за малите економии. Преку него, инвеститорите дознaваат за земјите како Македонија.

– Инвеститорите кои размислуваат за тоа каде да ги вложат парите, за жал не знаат за Македонија. Знаат за Германија, Полска, но не и за Македонија. Кога носат инвестициски одлуки, тие добираат информации. Дуинг бизнис е еден од првите извештаи кои ги читаат, затоа што е тоа извештај на Светската банка што му дава голем легитимитет. Секој инвеститор, од сите сектори го има погледнато овој извештај пред да одлучи да инвестира во Македонија. Дуинг бизнис има големо влијание – вели Џанков

Успехот на Македонија се должи на огромното залагање на Владата

Дуинг бизнис постои 14 години и мери повеќе индикатори како што се брзината за почнување бизнис, трошоците за работа на компаниите, процедурите за добивање градежни дозволи…сите тие се битни за менаџерите кои бараат нова инвестициска дестинација. Македонија е доказ за тоа. Колку повисоко котира на извештајот, толку повеќе инвестиции доаѓаат во земјата. Таа е лидер во деловниот свет затоа што во изминатите девет години спроведе редица реформи кои ја подобрија бизнис климата.

-Оваа Влада, посебно министерот Ставрески, работеше постојано на реформите, почнувајќи од 2006/2007 година. Истиот тим работи долго време на овој проект и може да согледа кои реформи се потребни. Јас бев менаџер на проектот во првите шест седум години и секоја година доаѓав тука за да дискутираме кои реформи се потребни. Значи ова не се случи за една година. Тоа што го гледаме годинава е резултат на многу напорна работа. Во текот на последната година направени се две клучни реформи заради кои Македонија е 12 во светот. Едната е олеснувањето на процедурите за основање бизнис за новите компании која сега се одвива електронски и е многу брза. И втората се однесува на посточеките компании кои се во раст и добиваат нови косопственици. Новите сопственици сега се многу позаштитени годинава споредено со лани. Тоа се клучните реформи кои ги спроведе Македонија годинава – вели Џанков.

Дуинг бизнис има најмногу критичари во големите економии

Џанков не вели дека извештајот Дуинг бизнис е совршен. Но, според него критиките доаѓаат од големите економии кои котираат подолу на листата. Нивните тврдења дека извештајот е контроверзен затоа што не ги зема предвид инвестициите и растот туку условите за водење бизнис, не се издржани.

-Многу компании инвестираат во Кина затоа што тоа е голем пазар, а не затоа што има добра бизнис клима. Истото важи и за Индија и за Бразил. Ако погледнете кој го критикува извештајот, ќе видите дека тоа се големите земји кои тврдат дека и покрај извештајот имаат инвестиции – вели Џанков.

Најобемниот извештај на Светската банка, Дуинг бизнис годинава Македонија ја рангираше на 12 место во светот според условите за водење бизнис во конкуренција на 189 земји. За девет години земјава напредуваше за 82 места на оваа листа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top