Над 80 отсто од барателите на азил во Германија немаат формално образование, покажува истражувањето на германската Федерална агенција за вработување.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, податоците што ги пренесуваат германските медиуми, покажуваат дека само осум проценти од азилантите имаат завршено целосно средно образование согласно германските стандарди.
Точно 81 отсто од засега пристигнатите над половина милион азиланти немаат никакви квалификации, што догодина ќе го зголеми бројот на социјални случаи во земјата за околу 400 илјади, покажува извештајот насловен „Бегалците во Германија: Преземете одговорност, откријте ги можностите“.
На долг рок промена на оваа состојба може да донесе одлуката на над 60 германски универзитети да дозволат бесплатно студирање за бегалците, што во минатото се наплатуваше.
На краток рок сепак Германија ќе има сериозни проблеми целосно да ги интегрира азилантите кои во најголем број не го познаваат германскиот јазик, поради што воопшто нема да можат да бараат работа барем во првите неколку години во кои ќе мора да бидат товар за државниот буџет за социјални случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.