Каде живеат ежот и дивата коза, како пчелите го создаваат својот дом, каде се размножуваат елените, која билка за што служи, какви сѐ дрвја има во богатиот биодиверзитет на Националниот парк „Маврово“… На само час возење од Скопје, во познатиот локалитет Бунец, сега е отворена едукативната патека за деца, која преку игра и забава ќе им ги долови начинот на опстанок и еволуцијата на инсектите и на дивечот присутен во паркот.
Наменета за возраст од 6 до 12 години, но интересна и за возрасните, патеката долга еден километар во туристичкиот центар Маврово нуди нова, поинаква содржина за семејствата. Се работи за лесна патека, сместена во сликовит шумски предел, кој е особено интересен за посета во есен, кога природата не штеди на бои и убавини.
Најмалите посетители ќе можат се запознаат со биодиверзитетот во тој регион под надзор на водичи специјално обучени за работа со деца. Родителите, пак, ќе можат да уживаат во сите убавини што ги нуди Маврово, од спортување и рекреација, до одмор, уживање, учење и запознавање на природата од мали нозе.
Детската патека е иницијатива на Националниот парк Маврово за збогатување на туристичката понуда со едукативни содржини.
- Со ова сакаме да им овозможиме на родителите додека се отпуштаат, скијаат, возат велосипед или, пак, додека уживаат на падините на оваа прекрасна планина, да им овозможат на своите деца едукација и забава – изјави директорот на Националниот парк Маврово, Онер Јакуповски, на отворањето на патеката.
На отворањето присуствуваа стотина деца од неколку училишта од земјава, кои први имаа можност да ги искусат сите содржини на новата патека.
Патеката е опремена со информативни и едукативни табли со информации за растителниот и за животинскиот свет во Маврово. Преку загатки и посебно конципирани интерактивни игри, децата ќе научат нешто повеќе за природата во најголемиот македонски национален парк.
Покрај едукативните табли во три големини, она што беше најинтересно за најмладите беа дополнителните елементи како хотелот за инсекти, ксилофонот и делот за набљудување на орли.
Сето тоа во придружба на специјално обучените водичи од „Апленд адвенчр“ („UpLand Adventure“).
- Нашето друштво организира секаков вид тури низ планинските врвови и атрактивните места со кои изобилува националниот парк. Најчесто нашите тури се организирани преку туристичките агенции и работиме со странци, но непресушната убавина и скриени места се атрактивни и за домашните туристи. Чистиот воздух, рекреацијата и мирот од ваквиот вид авантура е непроценлив – вели претставник од „Апленд адвенчр“.
Осмислувањето на детската содржина на патеката како и обуката на водичите е потпомогната од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME), програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од „Свисконтакт“.
- Ова е направено со цел да се зголеми интересот на децата, а со тоа и на семејствата да дојдат во Маврово, затоа што според анализите што се направија во соработка со Швајцарија, се откри дека семејниот туризам во Маврово е една од клучните видови туризам, кои можат и имаат потенцијал да се развијат – изјави Лилија Кандикјан, претставник од швајцарската амбасада.
Сега сите заинтересирани можат да ги донесат своите деца во Маврово и преку игра и забава да научат повеќе за растителниот и за животинскиот свет во овој Национален парк, велат од националниот парк.
До 2019 година, во Програмата за зголемување на пазарната вработливост предвидени се изградба на други содржини за развој на семејниот туризам во паркот, како и создавање на уште две-три вакви патеки.
- Како најголем национален парк, се стремиме и сме главен иницијатор да развиеме 12-месечен туризам, бидејќи Маврово не може да опстане само со зимскиот туризам, за тоа имаме и природни предуслови, природни вредности. Што се однесува на зимската сезона, во координација со хотелските сместувачки капацитети и со туристичките работници, очекуваме да понудиме една добра зимска сезона, нормално, клучен фактор тука ни се временските пригоди – изјави директорот Јакуповски.
За да ја посетите едукативната патека, јавете се во информативниот туристички центар во Маврови Анови на 041/489-425 и 042/489-019, додека за контакт со водичите посетете ја нивната страница на „Фејсбук“ – „UpLand Adventure“.
Хотел за инсекти, солариум за змии, ксилофон…
Посебно изградените мали куќарки, кои прикажуваат како живее секое животно или птица, како и таканаречениот Хотел за инсекти, привлекоа најголемо внимание кај учениците. Се работи за специјално место, со неколку делови полни сено, тули и слично, и секој дел од нив прикажува кој инсект во која средина најчесто се наоѓа.
Ксилофонот, пак, ги содржи сите видови дрвја присутни во националниот парк и со негова помош може да се види кое дрво како звучи. На децата им беше покажано и како се бројат годините на едно дрво.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 164. број на неделникот „Република“, 23.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.