| четврток, 6 декември 2018 |

Внимавајте, чувајте ги платените сметки!

Голем број граѓани завршуваат на адвокат, нотар или на извршител поради неплатена сметка за домаќинство. Најголем дел од нив тврдат дека воопшто и не знаеле дека против нив се води постапка, а има и такви кои се обидуваат да го одложат решението, со тоа што одбиваат да ја примат доставата за наплата. Нотарите советуваат дека со тоа не се постигнува ништо, бидејќи одбивањето се смета за уредна достава, а доколку не се дома еднаш или двапати - добиваат известување каде треба да се јават

Неплатените сметки за испорачана услуга до домаќинствата застаруваат за една година, ама само доколку пред истекот на таа година не е поведена постапка за нивна наплата. Во тој случај нема застареност на сметките, па налогот за наплата на сметките на врата можат да чукнат и по десет години. Со овој проблем се соочуваат голем број граѓани кои дури сега, по шест, седум години или повеќе од една деценија добиваат повик со кој се предупредуваат дека имаат сметка на неплатено парно, на пример, од 2005 година. Граѓаните во шок не се сеќаваат што се случувало пред толку години, убедени се дека сите сметки редовно ги плаќале, но и се прашуваат ако навистина има толку стар долг, зошто досега не се реагирало и не била побарана негова наплата. Сепак, најчесто не можат докажат дека платиле затоа што не можат да прикажат платена сметка, со оглед на тоа дека речиси никој не ги чува толку долго уплатниците со кои би докажал дека испорачаната услуга е платена. Покрај направениот долг, на сметката многу често се накалемуваат трошоци за адвокати, нотари и извршители, па конечната сума што треба да се плати понекогаш достигнува астрономска висина која семејниот буџет не може да ја покрие. Во состојба на страв и неизвесност што ќе се случува, граѓаните се прашуваат кога застаруваат неплатените сметки за домаќинство и до кога треба да се чуваат дома?

– Колку време треба да ги чуваме доказите дека сме платиле? Дали тоа треба да биде една година, десет или доживотно? Ако е така, треба да се има посебна соба во која ќе ги чуваме потврдите за платени сметки, такси и кредити – револтирани се граѓаните.

Нотарите велат дека неплатената сметка застарува доколку во рок од една година не биде поведена постапка. На пример, доколку имате неплатена сметка во ноември 2012 година, таа не може да биде наплатена во декември 2013 година.

– Освен доколку фирмата не поднесе барање за платен налог до нотарите. Притоа, фирмите немаат законска обврска да ги опоменат должниците – објаснуваат нотарите.

Од Топлификација АД – молк. Оттаму не може да се обезбеди никаков одговор на прашањата зошто има зачестени јавувања кај граѓаните со барање за плаќање на заостанати сметки, зошто толку време се чекало за да се потсетат граѓаните дека имаат „заборавено“ да платат, дали оние што нема да платат се дадени или ќе се дадат на суд и дали е можно, по оваа основа, на граѓаните дома да им затропаат извршители и кој е начинот да се докаже дека некоја сметка е платена или не. Ако ние не можевме да обезбедиме коментар и одговор на нашите дилеми, се прашуваме како тоа ќе можат да го направат оштетените граѓани. Инаку, со оглед на тоа дека на крајот на 2012 година Топлификација АД ги врати дозволите за производство и за дистрибуција на топлинска енергија, оттогаш оваа компанија функционира без непосредно вработени.Сите функции на фирмата во моментов ги извршуваат фирмите од групацијата, што значи дека Топлификација АД како фирма работи со ниски трошоци од околу 100.000 евра годишно и приходи кои главно се генерираат од наплата на стари долгови. Имено, во деловниот план на фирмата стои дека дел од основните извори на приходи на Топлификација АД во периодот 2013-2015 ќе бидат ненаплатените побарувања за испорачаната топлинска енергија во периодот 2010-2012 година како и ненаплатени побарувања за испорачаната топлинска енергија во периодот пред 2010 година.

Според информација на веб-страницата на Топлификација АД, вкупниот износ на тужени ненаплатени побарувања за периодот пред 2010 година изнесува околу 12,5 милиони евра.

– Од овој извор на приходи во наредните пет години се очекуваат околу пет милиони евра приход или околу еден милион евра годишно. Во изминатите две години приходите од овој извор на годишно ниво беа значително поголеми од очекуваните за наредните пет години. Вкупниот износ на побарувања кои не се наплатени за периодот 2010 – 2012 година е околу 12 милиони евра. Од овој извор во 2013 година се очекува износ од околу 9,6 милиони евра, во 2014 околу два милиона евра и во 2015 околу 0,5 милиони евра – стои во информацијата на Топлификација АД.

Според ова, повеќето граѓани кои досега не добиле повик од Топлификација, треба да го очекуваат за да платат некои свои (не)заостанати сметки.

ekonomija164-2

Граѓаните речиси и не се информирани дека од пред неколку години, заостанатите сметки не одат на суд. Доверителите или сами или со посредништво на адвокат поднесуваат барање за платен налог. Го доставуваат до нотарите со кои соработуваат и тие, врз основа на ненаплатените фактури, го издаваат платниот налог. Преку фирмите за доставување, налозите се испраќаат кај должниците. Граѓаните имаат рок од осум дена да поднесат жалба доколку се уверени дека сметката е платена, дека долгот не е толкав или на некоја трета основа. Во тој случај, доколку не се најде решение, се оди на суд. Во спротивно, доколку сметката не биде регулирана, платниот налог се сели кај извршител. Се пресметува и камата од денот на поднесувањето на барањето, која често за долг од илјада-две илјади денари може да достигне до 200 евра.

Според надлежните, рокот на апсолутна застареност на сметките е десет години од правосилноста на решението, додека организациите за заштита на граѓанските права сметаат дека тој рок е три години. Дел од адвокатите што ги консултиравме сметаат дека рокот за извршување е пет години. За граѓаните е важно да знаат дека на застареност може да се надеваат од моментот кога спорот ќе добие конечна разврска, а не од моментот кога е поднесена сметката.

Поради големиот број незавршени судски предмети, беа направени измени со кои платените налози се преселија кај нотарите и кај извршителите. Поради тоа, како што објаснуваат тие, се случува граѓаните да добијат решенија за наплата на сметки стари и по десетина години.

– Штом е отворен предмет, застареност нема – велат нотарите.

Секојдневно голем број граѓани завршуваат на адвокат, нотар или на извршител поради неплатена сметка за домаќинство. Најголем дел од нив тврдат дека воопшто и не знаеле дека против нив се води постапка, а има и такви кои се обидуваат да го одложат решението со тоа што одбиваат да ја примат доставата за наплата. Нотарите советуваат дека со тоа не се постигнува ништо, затоа што одбивањето се смета за уредна достава, а доколку не се дома еднаш или двапати – добиваат известување каде треба да се јават.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 164. број на неделникот „Република“, 23.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top