Успехот на македонската економија во рангирањето на реномираниот извештај на Светска банка „Дуинг бизнис 2016“ не остана незабележан од регионалните и од светските медиуми.
Медиумите од регионот ѝ оддаваат признание на Македонија пишувајќи дека македонската економија „сјае“ на високото 12. место на светската ранг-листа за водење на бизнис, пред сите други економии од регионот.
Така, порталот „ЈИЕбиз“ ги споредува економиите на земјите од регионот на листата, која ја подготвува Светска банка, истакнувајќи дека македонската економија е далеку пред другите, како Хрватска, која е на 40. место или Србија која се најде на 59.. Прва земја зад Македонија е Словенија која се наоѓа на 29. место.
Дека Македонија котира високо на оваа листа пишуваат и црногорските, српските и косовските медиуми, споредувајќи ги достигнувањата на македонската економија со нивните економии. Тие истакнуваат дека реформите кои ги спроведуваат македонските власти имаат ефект, а резултат е високиот рејтинг на Македонија на „Дуинг бизнис 2016“.
За успехот на Македонија пишуваат дури и кинески новински агенции како „Ксинхуа“. Тие цитираат детали од извештајот. „Некои од економиите успеваат да постигнат добри резултати на секое ниво, дизајнирајќи и имплементирајќи систем за градежни дозволи кој е и ефикасен и квалитетен. Таква економија е Македонија“, пишува кинеската агенција.
И грузиските медиуми не ја изоставија Македноија. „Џорџија тудеј“ пишува дека Македонија е предводник на листата најдобри економии за стартување бизнис во поширокиот регион, а грузиската економија се наоѓа четврта на оваа листа.
Дури и мексиканските медиуми ја споменуваат македноската економија во своите извештаи. Весникот „Ел економиста“ наведува дека Македонија е една од најпријателските настроени земји за започнување бизнис и за инвестиции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.