| четврток, 6 декември 2018 |

Знаете ли што всушност јадете и пиете?

Наместо мед, течен шеќер, во пиперките олово, а во соковите ни трага од овошје.

pienje

Анализата на жалбите на потрошувачите покажува зачестена измама со храната, но главно се работи за нивна вина бидејќи не го проверуваат рокот на траење на декларацијата на производот, бидејќи ако тоа го прават трговците и производителите не би се ни обидувале да продаваат производи чија конзумација не е безбедна, соопшти Регионалната организација за заштита на потрошувачите РОЗП.

Најчести измами се забележуваат кај маслото за јадење, медот, зачините, кафето, оризот и овошните сокови, наведе заменичката на претседателот на РОЗП Мира Радиќ.

Медот лесно може да се лажира, како и другите природни засладувачи, па производителите додаваат обичен течен шеќер или фруктозен сируп од пченка. Поради тоа, вели Радиќ, најдобро е мед да се купува директно од производители кои имаат пчелини кошници.

Зачините се често мешавина на основниот зачин и примеси, а забележано е дури додавање на олово во црвениот пипер. Мелениот црн пипер соодржи парчиња гранчиња и брашно, па затоа најдобро е да се купуваат зачини на парче, кои потрошувачите сами можат да ги смелат, стои во соопштението.

Се додава дека меленото кафе често содржи и сладок компир, корен од цикорија или пржен грав, па и во овој случај најсигурно е да се купи кафе во зрно и да се смеле дома.

Овошните сокови наместо вистинско овошје содржат вода, боја, шеќер и слатки вештачки ароми. На пример, откриен е лажен сок од шипки, кој често се разредува со сок од грозје или круши. Често се прават целосно синтетички сокови кои не содржат никакви траги од вистински сок. Затоа, советуваат од РОЗП, многу подобро е да си направите сок од свежо овошје. На чаевите, пак, се додава обична трева или листови од папрат.

И морските плодови мора да се високо на листата на измами, бидејќи се става поефтина стока наместо поскапа. Ако рибата е смрзната тешко е пред конзумација да ја забележите разликата, посебно ако веќе е конфекционирана. Тука може да помогне одлука да се купува од познат и веќе проверен производител.

Квалитетот на екстра маслиновото масло е загрозен во целиот свет. Во РОЗП истакнуваат дека вистинското екстра маслиново масло најлесно се препознава по тоа дека се згуснува кога е студено. Освен тоа, маслото е запалливо и памучни конци или маслените лампи во ова масло мора да горат.

Најдобро е да се купува кај познати локални производители или да се најде компанија чии производи имаат сертификат дека маслото е чисто и органско. Цената не е веродостоен показател, велат во РОЗП. Тие наведуваат и дека овошните јогурти често воопшто не содржат овошје, па потрошувачите се советуваат да го проверат составот на намирниците на етикетата, но исто така им препорачува самите да направат овошен јогурт со свежо овошје и обичен јогурт и да го засладат со мед.

Енергетските пијалоци содржат и по 500 милиграми кофеин и полни се со шеќер, така што водата е многу подобра опција за зголемување на енергијата.

Преработеното месо како што се виршли, салами, паштети, колбаси и слични производи, често се со продолжен рок на траење. Нитратите кои се додаваат за одржување на бојата и спречување на појава на бактерии, поврзани се со зголемен ризик од рак на дебелото црево, предупредуваат од РОЗП.

Затоа треба речиси целосно да се исфрлат таквите производи од прехраната, заклучуваат од РОЗП со седиште во Карловац, кој ги обединува здруженијата за заштита на потрошувачите на пет југозападни жупании.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top