| четврток, 6 декември 2018 |

ГОБ „8 Септември“: Квалитетот на здравството не треба да се цени по изолирани случаи

Менаџментот на Градската општа болница „8 Септември“ денеска испрати соопштение во кое се осврнува на зачестените напади во јавноста врз докторите и реформите што се спроведуваат во здравството.

8-mi Septemvri Gradska bolnica Urgenten centar 04 (Custom)

 

Во соопштението се наведува дека квалитетот на здравството во целина не треба да се оценува според изолираните случаи на неодговорни доктори во здравствените установи. ­

– Не треба да се заборави напредокот постигнат во здравството во изминатиот период. За здравствените установи е набавена модерна медицинска опрема, а докторите и останатите здравствени работници и соработници се испраќаат на едукација за користење на истата, благодарение на што се воведуваат нови методи и услуги. Конкретно, за нашата болница е набавена опрема во вредност од 8 милиони евра, од што е вредно да се нагласат апаратите за магнетна резонанција, компјутеризирана томографија, дигитален мамограф, дигитален литотриптор, четири дигитални рендген-апарати, комплетна опрема за гастроентерохепатологија, неврологија, дерматовенерологија, десетина ехо апарати и многубројна останата опрема, а дополнително треба да пристигне и опрема во вредност од два милиона евра – се вели во соопштението.

Според менаџментот на болницата, зголемен е и обемот на работа и тоа од 6.500 хоспитализации и 95.000 амбулантски прегледи во 2010 година на повеќе од 13.800 хоспитализации и 190.000 амбулантски прегледи во 2014 година. ­

– Зголемениот обем на работа е проследен и со нови вработувања. Така, бројот на вработени од 418 во 2010 година, е пораснат на 820 вработени во 2015 година, од тоа новопримени се повеќе од 115 доктори од различни специјалности, а овој број дополнително ќе порасне по заокружување на процесот на трансформација од статус волонтер и договор на дело во работен однос – се вели во соопштението од Градската болница „8 Септември“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top