| четврток, 6 декември 2018 |

Миле Хаџиски: Не се сеќавам дека ја убив, ги паметам само крвавите алишта

Долго време бев убеден дека можеби сум го сторил тоа јас. Така ме тераа да мислам и ме уверуваа. Сега веќе мислам дека не е така.

По 22 години со денешното прво рочиште во скопскиот Основен суд 1, започна расплетката на случајот за убиството на 21-годишната скопјанка Мери Јошевска. На обвинителната клупа денеска својот исказ го даваше се најде најбараниот македонски бегалец Миле Хаџиски, обвинет дека во 1993

По дваесет години минати во бегство тој беше уапсен во Швајцарија, а потоа во Франција и екстрадиран во нашата држава.

Хаџиски два часа одговараше на прашањата на судот и на Обвинителството и во детали објаснуваше што и како правел додека бил во бегство, како и зошто го добил новиот идентитет, но и детали за врската со Јошевска и момент од дента кога се случи убиството.

– Помина многу време, можеби нешто ќе згрешам. Жалам за тоа што се случи и сакам се да заврши. Мери ми беше другарка, се знаевме 2 месеци. Се сеќавам дека требаше да ми даде пари, а таа ми даде златен прстен. Пиевме кафе и вотка, се скаравме за глупости. Таа ми кажа дека е бремена и дека ако не бидеме во врска, ќе каже дека сум ја силувал. Потоа се сеќавам дека се разбудив дома кај мене. На облеката имав крв. Не знаев од каде. Како во магла паметам дека ги фрлив алиштата за перење, ми беше загушливо, како нешто да ме гушеше и отидов со пријател во кафуле. Таму ме уапсија. Не сум ја удрил Мери со пепелник, ниту сум украл злато од кај неа. Не се сеќавам на ништо друго. Јас сум најгрешниот во судницава и го молам господ да ми прости – раскажуваше Хаџиски.

Додека зборуваше ја спомена неговата мајка, која, како што рече, го посоветувала да се бори. Данка Хаџиска која седеше во задните редови во судница заедно со неговата тетка, брат и снаа не можеа да ги сопрат солзите. Тие долго додека Хаџиски зборуваше, липаа и плачеа.

Хаџиски рече дека во последниве две години решил да се смени и почнал да верува во Господ. Во рацете држеше бројаница. Раскажа дека новиот идентитет го добил во Легијата на странците во Франција.

– Се викам Зоран Томовиќ (43), женет сум за португалска државјанка со која имам 13 годишен син и 10 годишна ќерка – се представи пред судот.

На самиот почеток на судењето раскажа за животот во странство демантирајќи ги натписите дека бил член на криминалната група “Пинк Пантер“. Бил разочаран од француските власти бидејќи го екстрадирале иако има француско државјанство кое го добил врз основа на воените заслуги во Легијата.

– Свесен сум дека сум осуден од јавноста, не верувам дека тоа е намерно. Меѓутоа толку невистини се напишаа и објавија за мене што не знам од каде да почнам. Јас служев во Легијата на странци. Никогаш не сум бил член на криминалната група “Пинк Пантер“, а камоли со години да сум пљачкосувал низ Европа со лажни идентитети – рече Хаџиски.

 

 

Тој во ниту еден момент не призна дека ја убил иако потврди дека имал крв на облеката. Изјавите кои ги дал во текот на истрагата, барем оние во полициската станица, тврди  биле изнудени со закани.

– Што и да кажам се ќе биде против мене. Затоа е небитно. Тогаш изјавите ги давав под присила. Никогаш нема да докажеме што се случи тој ден ниту пак ќе откриеме кој ја убил. Можеби сум јас, така барем ме уверуваа – рече Хаџиски.

Според обвинението, Хаџиски на 18 јуни 1993 година во стан во Скопје на свиреп начин и од користољубие ја убил Мери Јошевска. По претходна расправија, почнал да ја дави со раце, а потоа ја удрил со пепелник во рамо и по глава. По ова со кујнски нож кој го носел со себе ја прободел 40 пати во главата и стомакот, по што Јошевска починала. По убиството го миел ножот и ги се обидел да ги покрие трагите од убиството. Пред да замине од станот, Хаџиски земал неколку парчиња златен накит и побегнал. Вечерта заминал во кафуле со друштво каде бил уапсен. Тогашниот Окружен суд во Скопје го осудил Хаџиски на затвор од 15 години. Тој се жалел на пресудата и поради одредени пропусти во истрагата, предметот бил вратен на повторено судење. Бидејќи Законот тогаш не дозволувал притворот да трае повеќе од 90 дена, Хаџиски бил пуштен да се брани од слобода. Обвинетиот присуствувал на неколку рочишта, а потоа побегнал. Судењето продолжило без него и бил осуден на 20 години затвор во отсуство.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top