| четврток, 6 декември 2018 |

„Притисни црвено копче доколку имаш имотно-правен проблем“ – акција на Управата за имотно правни работи

имот

Управата за имотно правни работи почна акција „Притисни црвено копче доколку имаш имотно-правен проблем“.  Со акцијата ќе се овозможи сите физички и правни  лица кои го пропуштиле јавниот повик за пријавување проблем од имотно-правна природа од 1 до 10 овој месец  да достават барање до Управата.

– Ќе бидат дополнително контактирани од наша страна, ќе се закажуваат термини за заеднички средби и ќе се разгледуваат конкретни проблеми. На тој начин Управата и понатаму останува отворена за средби  и консултации  со сите граѓани и правни лица кои имаат имотно-правни проблеми – изјави денеска Зоран Крстаноски, директор на Управата за имотно-правни работи.

Според Крстаноски, физичките и правните лица кои се пријавиле на повикот во наредниот период ќе имаат средби со стручните тимови на Управата со цел да се најде  решение за  пријавениот проблем.

– Како Министерство  за финансии особено ги имаме во фокус правните лица и проблемите што компаниите ги имаат со приватизацијата на земјиштето. Од 2009 година досега повеќе од 2.500 компании веќе го поминале процесот  на приватизација преку одделението на Управата за имотно-правни работи, а голем дел веќе  го почувствувале ефектот во делот на повластени услови за приватизација на земјиштето со попуст од 30 проценти на  цената за надоместот за приватизација кога се плаќа во готово- изјави Крстаноски, кој присуствуваше на отворените денови на Управата и Катастарот во Општина Гази Баба.

– Продолжуваме и понатаму затоа што знаеме дека приватизацијата на земјиштето особено кај компаниите  има повеќекратен ефект, односно тоа не значи само зголемување на вредноста на самата компанија,  значи можност дека тоа земјиште веќе во иднина може да се стави како хипотека со цел да се обезбеди финансиска поддршка од банките, тоа земјиште може да биде искористено од страна на компаниите за зголемување на производните капацитети што создава можност за нови вработувања – додаде Крстаноски.

Во Одделението за имотно правни работи во Гази Баба досега околу 500 компании поднеле барање за приватизација на земјиште, а за половина од нив веќе е донесено решение во првостепена постапка.

– Се докомплетираат податоците во однос на останатите предмети така што  очекуваме во наредниот период да се решат и преостанатите предмети – изјави Крстаноски.

Граѓаните можат да закажат состанок, а информациите каде да се обратат можат да ги најдат на линкот http://www.finance.gov.mk/mk/node/5351.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top