| четврток, 6 декември 2018 |

Познат претскажувач на иднината и осум полициски офицери во Тајланд ќе одговараат за навреди и омаловажување на монархијата

суд2
Најпознатиот претскажувач на иднината и еден од најбогатите луѓе во Тајланд со прекар „Мор Јанг“, двајца негови помошници и седуммина полициски офицери ќе бидат судени според законот за заштита на кралот и монархијата и се соочуваат со најмалку пет години затвор и високи финансиски казни.Иако воените власти, кои ги приведоа осомничените, за сега не кажуваат детали, во јавноста во Тајланд се претпоставува дека се работи за нивните „мрачни предвидувања“ за иднината на кралското семејство, водачите на воената хунта и други познати личности, кои ја поддржуваат одлуката за воен удар во државата, изведен во мај минатата година.

Шефот на тајландската полиција, генералот Чактип, денеска соопшти дека најголем дел од осомничените ја признале вината. Нивното транспортирање од воениот затвор во Криминалниот суд го следеа голем број медиуми, а неколку ТВ канали директно го пренесуваа транспортирањето.

Шефот на полицијата соопшти дека надлежните власти замрзнале најголем дел од имотот на познатиот претскажувач на судбината и другите осомничени.

Од признанијата на осомничените полицијата дознала имиња на други познати личности кон кои ќе ја насочи натамошната истрага. Има аналитичари кои сметаат дека „трагите“ водат и до членовите на кланот Шинаватра, од чие семејство произлегоа двајцата тајландски премиери сменети со воен удар, Таксин и Јинглук Шинаватра.

Законот за заштита на угледот на кралот и монархијата властите најчесто го користат кога во Тајланд се сменуваат цивилните со армиски власти. Лепезата на можни обвинувања е мошне широка, а обвиненијата и пресудите за дела што се сметаат за навреда и омаловажување на монархијата се поткрепуваат со заклучокот дека со тоа се загрозува и стабилноста на сијамското кралство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top