| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски со честитка по повод Денот на македонската револуционерна борба

Премиерот Никола Груевски од свое лично име и од името на Владата на Република Македонија на граѓаните им го честиташе 23 октомври-Денот на македонската револуционерна борба.

Во честитката Груевски истакнува дека овој ден ја симболизира истрајноста и пожртвуваноста на македонскиот народ, но и одлучноста и нескршливата воља за слобода и независност која ќе се преточи низ многувековна борба и истрајност во создавање на сопствена држава.

-Ова е дена кога пред многу години македонскиот народ ја добива организацијата која по својата форма и функција ја отсликува оваа негова желба и која прераснува во предводник и организатор на македонската револуционерна борба за обезбедување на најосновните човекови права и можност за достоинствен живот. Целта на Внатрешната македонска револуционерна организација била изедначување на македонскиот народ со сите останати европски народи кои непречени ги изразувале и одржувале своите традиции, култури и посебности непречено на својот мајчин јазик. Осноположниците и нејзините членови имале вонредно тешка задача да го организираат народот и успешно да покренат движење кое ќе води кон слобода на Македонија. Благодарение на нивната неисцрпна љубов кон Татковината, која им ја дава силата да истраат во силата на своите напори и фанатичната посветеност кон зададената цел која е дел од битието на секој Македонец, членовите на ВМРО оставиле траен позитивен белег во нашата историја, а нивните вредености и дела трајно се вградиле во македонската државност, вели Груевски.

Пред таквата посветеност и упорност денес ја изразуваме нашата благодарност. Правото да ги одгледуваме и воспитуваме нашите деца во согласност со нашите обичаи и традиции, а со тоа да ги сочиваме за идните поколенија Македонци во кои ќе продолжи да гори огнот на ваквите цели и идеали! Тоа револуционерно дело ни дава добар пример да продолжиме со посветеност, со одговорен пристап, со мудрост и со истрајност да изнвестираме во развојот на нашата земја, во унапредувањето на сите општествени сфери и можности за подобар живот и повисок стандард на граѓаните, за континуиран напредок и изградба на силна и модерна Република Македонија, се наведува во честитката на Премиерот Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top