Институцијата Катица Јанева се најде во небрано откако Законот за специјалното обвинителство беше оспорено и од нејзините колеги, а еден правник, адвокат, Законот го даде за преоценување на неговата уставност. Советот, пак, на јавни обвинители, и покрај отворените закани од странските дипломати, не дозволи да преовлада самоволието на Јанева.
Всушност, засега и не постои институција Специјален јавен обвинител. За да профункционира институцијата замислена како паралелен систем во судството, треба да се донесат подзаконските акти, да се донесе статут, систематизација, правилник на функционирање. Барем да има вистинска локација и телефонски линии за разговорите оттаму да стигнуваат до несакани уши.
Но, што ли слушнале нејзините уши, кога се јавила да се понуди да ја извлечат од Гевгелиско и да ја донесат во Скопје за да ја сработи паралелната задача? Што ли нејзините „контакти“ и „адекватни луѓе“ кои ги исконтактирала, за да „со своја волја“ конкурира, ѝ посочиле дека треба да направи? Јанева заплива и во други води – додека за Советот на обвинители оцени дека „не знаат да читаат закони“, додава дека странците сè си знаат. Катица, алтер егото на Кејти Џејн, влегува и во толкување дали е прекршен договорот од Пржино. Колку за специјален обвинител, би требало да знае дека нејзиниот опфат на толкување би требало да биде до донесениот Закон врз чија основа и си побара плата за која нејзините колеги работат по неколку месеци.
Специјалниот обвинител Јанева би требало и да знае дека, барем пред колегите, е пожелно да даде образложение зошто ѝ биле потребни толку луѓе и по кои критериуми се водела при нивниот избор. Барем неколку зборови повеќе од тоа дека таа ги познавала. Би требало и да биде свесна, ако веќе знае за договорот од Пржино, дека тоа што еден од нејзините избраници има врски со СДСМ, ќе ѝ биде „триено на нос“, колку и да наведува отпосле дека го познава својот колега со години.
Всушност, ако некој се сомневаше, и посочувањето дека целиот предложен паралелен систем е противуставен го гледаше како политичка игра во преговорите на скопско Пржино, сега неуставноста и паралелизмот се покажуваат на дело. Доколку политичките партии можат да се сложат на сè, за да можат да најдат политичко решение за кризата, правната фела – судиите, адвокатите, обвинителите, извршителите – а во чии редови несомнено ги има од сите политички определби и симпатизери, не дозволуваат да бидат заплашени од неколку редови напишани заеднички во амбасадите на САД и на ЕУ. Советот на обвинители, како и колегиумот на обвинителите од сите виши и основни обвинителства ден претходно застанаа зад Уставот, како највисок критериум во една независна држава.
Политичко обвинителство
– Недовербата кон Јавното обвинителство на Република Македонија и кон другите обвинителства е неоснована, постои голем револт што е избрано паралелно обвинителство. Тоа е навреда на целото обвинителство, затоа што со ништо не покажало дека не работи – пренесе јавниот обвинител Марко Зврлевски, откако обвинителите во земјата побараа еднаков третман во работата, но и во парите, заштитата и условите за функционирање.
– Ние не сме политичка институција и нас политичките договори не нè интересираат. Ние постапуваме согласно со Законот, ако некој донесе политичка одлука да формира политичко обвинителство, јас се гордеам што ние не сме политичко обвинителство, а тоа обвинителство нека си постапува согласно со политиката – додава Зврлевски, кој најави и дека Јавното обвинителство ќе поднесе иницијатива за да се оцени неговата уставност, иако такво барање до Уставниот суд веќе е поднесено од адвокат од Свети Николе.
Незадоволството кај обвинителите заради третманот кон нив, нивните постојано неуслишани барања за доекипирања, но и заради поддршката отстрана за мегаломанските потреби на Јанева за формирање на паралелното обвинителство, колегиумот обвинители, едногласно ги срочи во неколку барања. Накусо, обвинителите бараат ист третман преку Измени и дополнувања на Законот за јавно обвинителство со што ќе може кадровски да се доекипираат со нови јавни обвинители и покрај кандидатите од Академијата за обука на судии и јавни обвинители; бараат соодветни плати и надоместоци за ризик, страв и доверливост, а сите законски измени во таа насока да се донесат во итна постапка.
Кој ќе го брани специјалниот обвинител?
Политичкиот момент на кој укажува Зврлевски не е новина, ниту изненадување. Не само што најавите на Јанева кога би можело да се очекуваат првите акти од нејзината работа се во релација со политичките изјави со датуми од опозицијата, туку и СДСМ ги напушти преговорите (до затворање на овој број на Република), како притисок да ѝ се даде сè што ќе побара Јанева. Ако кон ова, повторно, се додаде и дека дел од тимот што специјалниот обвинител го побара е и човек близок со СДСМ, сликата станува сè појасна.
Но, не е само СДСМ тој што тесно се врзува и политички и како иден фактор во политичките случувања во земјата. Ако формирањето на специјално, паралелно обвинителство се сметаше за преседан, договорот за изборот на Катица Јанева за специјален јавен обвинител, падна како решение понудено од странските помагачи во меѓупартиските преговори. Сè уште не е јасно чиј предлог беше Катица Јанева зад која застанаа странците. И во што се состои таа помош што ѝ ја нудат тие за таа да може да најави дека за малку повеќе од еден месец ќе го изготви првиот обвинителен акт? Зар беше потребно формирање на специјална паралелна институција, ако тежината на обвиненијата на кои ќе работи специјалниот јавен обвинител може да се спакуваат за еден месец?
Кога, пак, нејзините планови станаа тема во фелата од правдата, без никакво стеснување поставите на Вашингтон и на Брисел во суверена Република Македонија испратија заедничка порака дека без поговор „од суштинска важност е Советот на јавни обвинители… да го именува тимот на г-ѓа Јанева“. Притоа, „Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на САД се подготвени да помогнат доколку тоа се побара од нив и да обезбедат обука и техничка помош за да може канцеларијата на јавниот обвинител да води истрага за прислушуваните комуникации“.
Двете претставништва, иако прашани од македонските медиуми, не одговорија дали со тоа не се мешаат во внатрешните работи на една суверена држава. Не посочиле ниту со колкави средства ќе ја помогнат нејзината работа. И најважното – како Јанева во случаите што ќе се најдат пред неа ќе се ослободи од нивното влијание при креирањето на обвиненијата? Но, Јанева и сама во своето прво интервју посочи дека очекува „голема меѓународна поддршка во откривање на фактичката состојба“, без да води сметка дали некому тоа ќе му се допаѓа или не.
Колку и да смета на поддршка, било од странците или од медиумите, Јанева како јавен обвинител со 12-годишното искуство што нагласува, треба да знае дека како специјален јавен обвинител може и мора да се потпре исклучиво на позитивните законски решенија во Република Македонија. Затоа што и нејзиниот избор, и покрај тоа што е политичко решение во даден момент, е решение во насока за зачувување на правото и правдата. И ниедна партија, и ниедна амбасада не може да е над тоа. Патот од Гевгелија до Скопје ќе значи богат курикулум витае за странците, но пред колегите и пред домашната јавност – само ако притоа го зачува достоинството на професијата.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 163. број на неделникот „Република“, 16.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.