По успешните десет изведби за помалку од една година, последната претстава во продукција на независниот „Театар 007“, „Централ парк – Запад“ од Вуди Ален, а во режија на Игор Ивковиќ, повторно е на репертоарот, почнувајќи од 25 октомври, 2015 (недела) со почеток од 21 часот, на „Малата сцена“ во Универзална сала – Скопје.
-Комедијата, „Централ парк – Запад“, сè уште предизвикува особен интерес кај публиката. Невообичаеноста на темата, режисерскиот концепт, како и одличната актерска игра на екипата во претставата, заедно со атмосферата која се создава за време на претставата можеби се главните причини што оваа претстава е актуелна кај нашата публика, вели Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007“.
„Централ парк-Запад“ не е обична комедија, туку таа е и отворена психолошка сеанса за публиката. Преку петте различни карактери на Филис, Керол, Хауард, Сем и Џулиет, оваа претстава со молскавична брзина го води гледачот низ мноштво најразлични ситуации кои кулминираат со неочекувани пресврти и изненадувања.
Во неа игра професионалната актерска екипа составена од: Ирена Илиевска, Ангела Наумоска, Марко Богдановски, Хари Михајловски, Елизабета Клинчаревска-Младеновска. Сценографијата и костимите се на Маре Трајковска, а продуцент на претставата е Миодраг Костиќ
Билетите за претставата се ограничени. Цената на еден билет изнесува 200 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.