| четврток, 6 декември 2018 |

Жителите на Шуто Оризари ќе добијат нов базен

Премиерот Груевски го задолжи директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасевски за наредната година да предвиди изградба на нов базен за жителите на Шуто Оризари

Повеќе заклучоци и одлуки со кои се решаваат проблемите на граѓаните се донесени на координативниот состанок на премиерот Никола Груевски со министрите, директорите и градоначалниците.

На состанокот, којшто траеше до доцна синоќа, е одлучено жителите во општина Шуто Оризари да добијат нов базен, да се реши проблемот со водоводната мрежа во Долно Лисиче, да има нов пат до селото Крилатица и тој да се поврзе со Кратово, Драчево да добие ново повеќенаменско игралиште и да се изработи нов проект за водоводна и канализациска мрежа за Сопиште и Кисела Вода.

Премиерот Груевски го задолжи директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасевски за наредната година да предвиди изградба на нов базен за жителите на Шуто Оризари.

Разгледан е и проблемот на граѓаните од Долно Лисиче за потребата од реконструкција и изградба на делови од примарната и секундарна водоводна мрежа, при што е одлучено проширување и зголемување на водоводната мрежа со етапни градежни работи.

– Направете ја примарната мрежа и динамички план и до 2019 година да се заврши целата мрежа, вклучувајќи ја и секундарната, рече Груевски.

Директорот на „Водовод“ Александар Атанасов информираше дека примарната мрежа ќе се направи во соработка со општина Аеродром до мај 2016 година, а останатото ќе го предвидат во инвестиционата програма за 2016 година.

– Во јануари ќе можеме да распишеме тендер за реконструкција на еден дел, другиот ќе биде во 2018 и еден дел во 2019 година, истакна Атанасов.

Договорена е и реконструкција на патот за Крилатица и негово поврзување со Кратово што ќе се одвива низ повеќегодишен план. Во моментот се работи на потегот од Ранковце кон Крилатица.

– Го правиме патот од Ранковце до Крилатица и имаме обезбедено средства за еден километар. До 2018 година ќе биде целиот завршен, информираше директорот на јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов.

Во однос на изградбата на спортската инфраструктура, директорот на Агенцијата за млади и спорт истакна дека во плановите за изградба на повеќенаменски игралишта освен во Пинтија, ќе се предвиди и повеќенаменско игралиште во населбата Драчево, што е барање на граѓаните од оваа општина.

– Во проектот за спортски повеќенаменски игралишта во општина Кисела Вода имаме предвидено две локации. Едната веќе ја дефиниравме во Пинтија, а за втората се договоривме, да и дадеме приоритет на населба Драчево, рече Спасевски.

На состанокот е разгледано и барањето на жителите на Кисела Вода и Сопиште за проблемот со водоводната и секундарната фекална мрежа во Бабин Дол и Припор. Констатирано дека станува збор за покрупен инвестициски проект за кој најнапред е потребно да се изработи проектна документација преку која би се разгледале можностите во однос на излегување во пресрет и на ова барање.

– До 15 февруари да е готово. Ќе не информирате колку финансиски средства треба за реализација на проектот и на следниот состанок  да побараме начин како да се обезбедат, рече премиерот Груевски.

Одлучено е да им се даде и насока на општините во кои има изградено спортски сали од страна на Владата, да создадат услови најмалку по два часа, два пати неделно да им отстапат слободни термини за бесплатно користење на граѓаните.

Ваквиот вид координативни состаноци, како што најавуваат од Владата, ќе продолжи и во следниот период бидејќи тоа претставува продолжување на континуитетот на работата на премиерот Груевски базиран на редовни средби со граѓаните и постојано разгледување на посочените проблеми и барања на граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top