Од утре, директор на Центарот за комуникации на ВМРО – ДПМНЕ ќе биде Иво Котевски, одлучи Извршниот комитет на партијата. На функцијата директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа од досегашната позиција помошник-министер за односи со јавност во Министерството за внатрешни работи.
Оваа функција Котевски ќе ја преземе од досегашниот директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој ќе продолжи да ја извршува функцијата координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата во Собранието на Република Македонија.
Како што стои во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски зад себе има богато искуство како новинар и уредник во телевизиите Канал 5 и Телма од 1999 година и новинарската работа ја извршувал сѐ до неговиот ангажман во Министерството за внатрешни работи во 2006 година.
Во писмената изјава, Котевски наведува дека од декември 2006 година бил дел од тимот кој квалитативно на повисоко ниво ја подигнал ефикасноста во работењето на МВР и создаде институција за почит, која, подвлекува, не потклекнуваше и не преговараше никогаш кога беа во прашање интересите на Република Македонија.
– Со огромна политичка волја и напор создадовмме транспарентна институција во служба на граѓаните. Во 2006 година постоеше само канцеларија задолжена за односи со јавноста од која во изминативе девет години на почеток изградивме Одделение кое прерасна во Сектор за конечно да го подигнеме на ниво на Оддел за односи со јавност и стратешки прашања. Системски го уредивме и пристапот до информациите од јавен карактер, а успеавме да ги стандардизираме и процедурите по кои секојдневно постапуваме, а претставуваат репер и повисоко ниво потврдено во сите релевантни истражувања спроведени од меѓународни организации – појаснува Котевски.
Тој потенцира дека ги вложил целосно неговите капацитети и се трудел постојано да биде достапен за медиумите, за граѓаните и за колегите.
– Сега се соочувам со нов предизвик. Мојот личен став е дека претстои турбулентен период во кој ценам дека интересите на граѓаните и на државата ќе може најдобро да ги одбранам на политички план. На политичко поле ќе се води новата битка за иднината на Македонија. Во моменти на реални закани за уривање на системот, државноста и на сѐ што е изградено години наназад само заради обид за ситно политичко профитерство, благодарен сум на довербата што ми е укажана и на можноста што ми е понудена – вели Котевски.
Како директор на Центарот за комуникации, истакнува, ќе го вложи својот максимум и ќе се труди што е можно повеќе да ги објасни политичките позиции за да не остане ниту најмала дилема кај граѓаните околу драстичните разлики во концептите што им се нудат.
– Убеден сум дека граѓаните на престојните избори ќе ја препознаат вистинската опција на која интересите на Македонија ѝ се приоритет над приоритетите – нагласува Котевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.